На Американците воопшто не им се допаѓа, што Кина се активира, вклучувајќи и воено, во регионот на Јужното Кинеско Море. Овој нов спор меѓу двете земји брзо може да доведе до судир, тврди во својот коментар Петра Колонко.

Територијата за која Кина претендира изгледа како огромен јазик, навлезен подлабоко во Јужното Кинеско Море и достигнувајќи речиси до бреговите на Малезија, Брунеи, Филипини и Виетнам. Спорот за островските групи Спратли и Парасел и за водниот простор наоколу трае веќе со години. Пет земји се обидуваат да ги наметнат своите побарувања во конфликтот со Кина, која претендира за цели 90% од Јужното Кинеско Море. Од време на време тензиите се засилуваат, потоа повторно почнуваат преговори.
За петте земји наоколу, Кина е многу важен трговски партнер. И затоа тие не сакаат да се караат со големиот сосед. Дел од нив се обидуваат да најдат некаков среден пат, но досега ниту еден проблем не беше решен. Пред околу една година, сепак Кина започна вештачки да ја проширува територијата на своите острови и да гради таму воени бази, а тоа доведе до нова ескалација.
Планот на Пекинг
Своевремено кога Кина се уште беше сиромашна земја, спорот се ограничи до правото на риболов и до наводните наоѓалишта на нафта и гас. Но сега Кина сака да стане морска сила, а сега излезе и на второ место меѓу најмоќните светски економии, па денес интересите на Пекинг се насочени најмногу кон глобалната трговија – и соодветно кон трговските рути по вода. Претседателот Си Цзинпин дури ја развил идејата за “морски пат на свилата”, а тоа дополнително ја нагласува важноста на ова прашање. Во Јужното Кинеско Море минуваат важни трговски патишта, по кои се транспортира една третина од светската нафта, на пример. Кажано поинаку, станува збор не толку за нафтата под вода, колку за она што плови со танкерите .
Кина уште од самиот почеток воопшто не крие за што и требаат островчињата. Таму ќе се отворат интегрирани воени бази на воздухопловните сили и морнарицата. На еден друг, дополнително проширен остров, веќе беа изградени писта за полетување и ново пристаниште. Според кинеските медиуми, оттаму може да полетуваат борбени авиони опремени со балистички проектили. Во радиусот на овие авиони влегуваат северното крајбрежје на Австралија и Малакскискиот теснец.
Мина некое време додека реагира онаа држава против која всушност се насочени подготовките. Во почетокот на годината Американците упатија критика против проширувањето на островите и ја обвинија Кина дека се заканува на мирот и стабилноста во регионот. Пентагон испрати дури воен разузнавачки авион над островите, на кое кинеската флота реагираше веднаш и ги повика Американците да го повлечат авион.
САД официјално не заземаат никаква позиција за територијалниот спор. Но Вашингтон нагласува дека го држи слободно превозот во Јужното Кинеско Море. Ако Кина изгради свои воени бази во спорните морски територии, тоа ќе биде дрзок предизвик на досегашната доминација на Американците во регионот.

И уште: ако Кина изгради свој систем за противвоздушна одбрана и за идентификување на авиони и бродови во Јужното Кинеско Море, тоа ќе биде уште еден чекор кон целосна контрола. Кон моментов кинеската влада тврди дека има право да гради таква зона, но во сегашните услови нема да профитираат од неа. И вели дека не постои закана за трговскиот превоз и дека проширувањето на островите ќе даде придонес кон спасување на насукани бродови и кон истражување. За воениот аспект Кинезите молчат, но официјално протестираа против американскиот разузнавачки авион и предупредија дека ваквите дејства може да доведат до инциденти.
Кина и САД мерат мускули
Кинескиот воен потенцијал се уште е далеку од можностите на САД. Но Кинеската народна армија брзо се развива и модернизира, особено флота. И е јасно дека во долгорочна перспектива Кина има намера да обезбеди контрола над Јужното Кинеско Море. Проширувањето на островите како предна воена позиција очигледно е одговор на одлуката на Обама за “свртување кон Азија”. Во врска со американскиот разузнавачки авион неколкумина коментатори во Кина објавија дека тој бил доказ за намерите на САД да го одвраќаат подемот на НР Кина.
По повод активностите на Кина американскиот потпретседател Бајден изјави дека САД остануваат верни на својата улога на гарант за безбедноста во регионот. До 2020 година 60 проценти од американската морнарица ќе биде стационирана во азиско-пацифичкиот регион. Како одговор на оваа најава во Кина веќе се размрдаа и јастребите. Демонстративното однесување на американската армија во еден регион, кон кој претензии има Кина, дополнително го разгорува национализмот, кој при управувањето на Си Цзинпин стана важен дел од кинеската национална политика.
Оние кои во Кина веќе зборуваат за можна војна со САД, се уште го немаат зборот. Но односите меѓу двете земји стануваат се повеќе комплексни. А сега се отвора и нов спор, кој брзо може да доведе до судир.