Претседателот на ДУИ Али Ахмети денеска во седиштето на партијата во Тетово се сретна со директорот за континентална Европа во француското МНР Ерик Фурние, француската амбасадорка во Македонија Лоренс Ojер и нивните соработници.
На средбата, како што стои во партиското соопштение, се разговарало за актуелната криза во земјата, политичкиот дијалог, договорот постигнат на 2-ри јуни и евроатланската интеграција.
– Франција е голем пријател и поддржувач на стабилноста и безбедноста на Македонија како и евроатланската перспектива. Франција исто така го поддржува воспоставувањето на вистински политички дијалог и спроведувањето на постигнатиот договор, се наведува во соопштението.
Лидерот на ДУИ истакнал дека партијата одиграла конструктивна улога во решавањето на тешката политичка криза и дека ќе продолжи со напорите за постигнатиот компромисен договор да успее.
– ДУИ дејствува со целосна одговорност поставувајќи ги државните интереси пред партиските и одлучи да помогне во решавањето на кризата, а не да ја продлабочи со постапки кои би биле од корист на ДУИ а не на државата, се вели во соопштението од ДУИ.
Ахмети на средбата ја потврдил поддршката за договорот на 2-ри јуни, како и посветеноста на ДУИ со сите страни за да се постигне успех до изборите наменети на април 2016 година./МИА
