Поголемите опозициски партии од албанскиот блок нема да учествуваат на најавениот протест на движењето „Беса“ на 13 јуни, затоа што треба прво опозицијата да се обедини, па потоа да се организираат протести против власта.
Од „Беса“ вчера ги повикаа сите опозициски партии на Албанците и невладини организации да излезат на протестот за да побараат оставка од Владата на Груевски и Ахмети, албанскиот јазик да биде официјален на целата територија на земјата, да има правична распределба на буџетот и уште неколку барања.
– Ние нема да присуствуваме на овој протест. Од Беса самостојно одлучиле да одат на протести без да се консултираат претходно со нас и со останатите политички партии од опозицијата. Нема никаква логика да се протестира за 18 барања. Моментално е само едно барање, оваа влада да оди во историјата, вели Весел Мемеди, претседател на НДП.
Лидерот на движењето за реформи во ДПА Зијадин Села не сака да го коментира протестот заради, како што вели, „еден друг процес кој е во тек“. Од ДПА на Мендух Тачи, пак, не беа достапни за коментар.
Владејачката ДУИ одбива да коментира за протестот, квалификувајќи го како „работа за забавиште“./ 24 вести
