Ви го пренесуваме новиот билтен на Транспарентност Македонија за месец мај каде ќе може да прочитате за следново:
НОВИ ДОЛГОРОЧНИ ЗАДОЛЖУВАЊА ЗА ТЕКОВНА ПОТРОШУВАЧКА
- Очевидно e дека ефектите од политичката криза и нивното влијание врз македонската економија и реализирањето на буџетот на државата од месец во месец се сé поголеми. Политиката што ја водеше Владата на РМ во април во сферата на буџетската потрошувачка и задолжувањето, продолжи и во месец мај.
Чекорите кои ги презеде Министерството за финансии во месец мај покажуваат дека Владата на РМ е пред многу сериозен проблем на финансирање на тековните буџетски трошења. Просто несфатлив и без никакви аргументи е ставот на министерот за финансии Зоран Ставревски дека во овој момент ребаланс на Буџетот на РМ не е потребен и дека изворите на финансирање на буџетските расходи се стабилни.
НЕЗАКОНСКО, НЕНАМЕНСКО И НЕРАЦИОНАЛНО ТРОШЕЊЕ НА ПАРИТЕ НА ГРАЃНИТЕ
- Дека највисоките носители на власт незаконски, неодговорно и нерационално ги трошат парите на граѓаните, покажува и Извештајот на ДЗР за извршената контрола во министерството за одбрана(МО) за 2013 г. кога со овој орган раководелеФатмир Бесими и Талат Џафери – двајцата кадри на ДУИ.
ЗЛОУПОТРЕБИ КАЈ ЈАВНИТЕ НАБАВКИ
- Регулативата за јавни набавки и пропишаните принципи кои треба да обезбедат фер конкуренција на понудувачите, еднаков третман и недискриминација, транспарентност и интегритет на процесот и рационално и ефикасно искористување на средствата во постапките за јавни набавки, перманентно се игнорирани и кршени, особено кај големите тендери.
ТЕХНОЛОШКИ ИНДУСТРИСКИ РАЗВОЈНИ ЗОНИ
- Создавање на Технолошко индустриските развојни зони (ТИРЗ) беше еден од најважните проекти на Владата на ВМРО-ДПМНЕ уште од доаѓањето на власт во 2006 г. Целта на создавањето на ТИРЗ на повеќе локации низ Република Македонија беше да се создадат поволни услови со кои ќе се привлечат големи странски компании да инвестираат во земјава.
ПРЕСКАПИ И БЕСПОЛЕЗНИ МЕДИУМСКИ КАМПАЊИ
- Повеќегодишната практика на незаконско, неодговорно и неконтролирано трошење на парите на граѓаните во областа на владините рекламни кампањи продолжува со несмален интензитет, наспроти бројните афери и домашните и странски реакции дека јавните средства се трошат на сомнителен и коруптивен начин.
СОСТОЈБА СО СЛОБОДАТА НА ГОВОРОТ И МЕДИУМИТЕ
- Од половината на април и во текот на месец мај 2015 г. во Македонија се случија низа насилства кои имаат една заедничка политичка заднина: целите на овие насилства се критичари на власта и нејзините политики, некои од нив познати новинари или политички функционери, а некои и само поддржувачи на опозицијата.
Преку овој билтен Транспарентност – Македонија продолжува да укажува и предупредува на неправилности и непочитување на процедурите и добрите практики во спроведувањето на јавните политики и трошењето на јавните пари во општеството.
=========================================
ЦЕЛИОТ БИЛТЕН НА ТРАНСПАРЕНТНОСТ – МАКЕДОНИЈА ЗА МАЈ 2015 ВО ПРОДОЛЖЕНИЕ:
Месечен билтен за мај 2015
НОВИ ДОЛГОРОЧНИ ЗАДОЛЖУВАЊА ЗА ТЕКОВНА ПОТРОШУВАЧКА
- Очевидно e дека ефектите од политичката криза и нивното влијание врз македонската економија и реализирањето на буџетот на државата од месец во месец се сé поголеми. Политиката што ја водеше Владата на РМ во април во сферата на буџетската потрошувачка и задолжувањето, продолжи и во месец мај.
Чекорите кои ги презеде Министерството за финансии во месец мај покажуваат дека Владата на РМ е пред многу сериозен проблем на финансирање на тековните буџетски трошења. Просто несфатлив и без никакви аргументи е ставот на министерот за финансии Зоран Ставревски дека во овој момент ребаланс на Буџетот на РМ не е потребен и дека изворите на финансирање на буџетските расходи се стабилни.
Особено е алармантна констатацијата дека Министерството за финансии продолжува со погрешната политика на финансирање на тековните буџетски расходи преку долгорочни задолжувања, односно преку емисија на државни обврзници со рок на доспевање од десет и петнаесет години. Ова значи дека Министерството за финансии ја потврдува констатацијата дека проблемите на финансирање на буџетските трошоци се големи и дека е можна ситуација на неликвидност. Затоа, Министерството сегашната буџетска потрошувачка ја финансира со издавање на државни обврзници кои ќе достасуваат во наредните десет или петнаесет години, само за да се избегне проблемот на финансирање на буџетските расходи во тековнава година. Во аукциите на Министерството за финансии одржани во месец мај нема издадени државни записи со рок на доспевање од еден месец и три месеци. Издавањето на едномесечните државни записи престана да се врши уште од 2009 г., но од месец март оваа година престана и издавањето на тримесечните државни записи. Ова значи дека сето она што од Буџетот се троши до крајот на 2015 г., во најголем дел ќе се враќа минимум после една година, а ќе трае и до петнаесет години.
На аукциите во месец мај Министерството за финансии емитуваше само шестмесечни државни записи, дванаесетмесечни државни записи и двегодишни, десетгодишни и петнаесет годишни државни обврзници и тоа во вкупен износ од 5,05 милијарди денари или околу 82 милиони евра. Од овој износ 17,8% се шестмесечни, 64,3% се дванаесет месечни, 11,9% се двегодишни, 3,4% се десетгодишни и 2,7% се петнаесет годишни државни обврзници.
Она што е карактеристично за овие емисии на десетгодишни и петнаесет годишни државни обврзници е тоа што имаат релативно високи и атрактивни каматни стапки – десетгодишните државни обврзници се со каматни стапки од 3,5% и 3,8% (реализирани се две аукции), додека петнаесетгодишните обврзници имаат каматна стапка од 4%, што е повисоко отколку каматните стапки во банкарскиот сектор. Исто така, кај десетгодишните државни обврзници емитувани на 19 мај и кај петнаесегодишните државни обврзници постои девизна клаузула (евро клаузула), што значи дека инвеститорите се обезбедени од ризикот на промена на девизниот курс.
ТМ ги повикува премиерот Никола Груевски и министерот за финансии Зоран Ставревски да ја објаснат оправданоста на ваквите задолжувања и ваквиот начин на финансирање на буџетските расходи, дотолку повеќе што се работи за тековни расходи, а не за конкретни капитални проекти.
НЕЗАКОНСКО, НЕНАМЕНСКО И НЕРАЦИОНАЛНО ТРОШЕЊЕ НА ПАРИТЕ НА ГРАЃНИТЕ
- ТМ во континуитет укажува на расипничко трошење на стотици милиони евра, пари на граѓаните, на злоупотреби со располагање со јавните средства и за грубо кршење на анти-корупциската регулатива, што се потврдува и со ревизорските извештаи, а со единствена цел – задоволување на приватните и партиски финансиски интереси на владеачката гарнитура. Прислушуваните разговори покрај бројните злоупотреби со јавните средства ја открија и алчноста и фрустрациите на највисоките носители на власт, во размери досега непознати на овие простори. Така, јавноста дозна за „префинетиот“ и скап вкус на Никола Груевски – набавката на службен автомобил мерцедес од околу 600.000 евра, направен по негов вкус, преку внимателно наместен тендер, со утврдени технички спецификации кои може да ги задоволи само фирмата која го произведува овој прескап автомобил (спротивно на чл. 36 од Законот за јавни набавки).
Дека највисоките носители на власт незаконски, неодговорно и нерационално ги трошат парите на граѓаните, покажува и Извештајот на ДЗР за извршената контрола во министерството за одбрана (МО) за 2013 г. кога со овој орган раководеле Фатмир Бесими и Талат Џафери – двајцата кадри на ДУИ. Иако држаната ревизија дала негативно мислење за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за законско и наменско трошење на средствата во 2011 г., што во правна држава би резултирало со нечија кривична и политичка одговорност, ваквата состојба многу не се подобрила ниту во 2013 г., кога ревизијата исто така дала негативно мислење поради неусогласеноста на законската регулатива и невоспоставени практики на работење. Наодите на ревизијата откриja дека во Министерството не се водело сметка за враќање на исплатените аванси во готово за патувања во странство и школување и тоа со години спротивно на Законот, со што постои ризик за застареност за враќање на повеќе исплатените износи. Дека се работи за неодговорно и недомаќинско трошење на буџетски средства говори и наодот од ревизијата дека дури и вработените кои не ги вратиле средствата и не доставиле извештај за патувањето или школувањето, биле упатени на други службени патувања за што им бил исплатен нов аванс, спротивно на законската регулатива. Покрај ова, се исплаќале и аванси кои биле повисоки од трошоците за службеното патување што се должи и на отсуство на пресметка за проценка на трошоците, наспроти усвоената реулатива. Со цел да ги награди партиските војници и лицата блиски до партијата ДУИ, Министерството за одбрана склучило 17 договори за ангажирање на надворешни лица за период од 8-12 месеци со утврден месечен надоместок, за што исплатило 3.259 илјади денари, и тоа за работи кои според описот одоговарат на работните обврски на вработени во МО кои за тоа примаат плата. Скандалозен е наодот што не постои извештај за извршената услуга за која биле ангажирани надворешните консултанти. ТМ во повеќе наврати има укажувано на ваквата појава во министерствата и локалната самоуправа, кога се склучуват договори за работни задачи кои ги извршуват вработените, со што се оштетува Буџетот на сметка на партиските војници и блиските роднини на функционерите. Дека во МО се работело спротивно на закон, потврдува и наодот дека за ангажирањето на надворешни консултанти не била спроведена постапка за јавна набавка. Во низата незаконитости при трошење на јавните средства во МО е и набавката на авионски билети за посети на членови на семејствата на лицата упатени на стручно усовршување во странство, за што биле исплатени 1.064 илјади денари (или повеќе од 17.000 евра), иако вакви трошоци не се предвидени со Законот за буџетите.
Ревизијата уште утврдила дека за тековно и инвестиционо одржување на Министерството и АРМ биле склучени 26 рамковни спогодби за што биле планирани 80.250 ијлади денари (или околу 1,300,000 евра), но при тоа биле констатирани низа незаконитости, меѓу кои немање на проект-пресметка за да се утврдат количините и видовите работи кои треба да се изведат со овие средства. За сервисирање на разни пумпи биле фактурирани сметки по цени кои се повисоки од набавните, спротивно на рамковните спогодби, или биле потрошени 26.488 илјади денари (околу 428 илјади евра) повеќе од планираната јавна набавка која изнесувала 106.738 илјади денари (или 1.700.000 евра). Министерството за одбрана, исто така, склучило договор за јавна набавка со фирма која не дала најповолна понуда, што е спротивно на член 162 од Законот за јавни набавки, а прифатил и понуда за сервисирање на возилата во износ од 14.361 илјади денари на фирма која понудила најниска цена, но без при тоа да се земат предвид цените на резервните трошоци, што на крајот ја прави избраната понуда многу повисока од другите понуди кои биле одбиени. Ваквите повреди на Законот и нерационалното трошење на буџетски средства упатуваат на сомневање дека фирмите кои ги добиле тендерите биле однапред избрани.
ТМ предупредува дека по низата незаконитости во финасиското и материјалното работење на министерствата и другите државни органи, и заради сериозните сомневања за злоупотреба на службената положба и за сторена корупција констатирани со ревизијата, несфатлив е односот на Државниот завод за ревизија да не поднесува кривична пријава против одговорните лица од овие институции и да се задоволува само со давање на препораки. Ваквото однесување на ДЗР создава сериозно сомневање дека овој контролен орган свесно или под влијание на извршната власт ги толерира и ги игнорира утврдените незаконитости и нерационалното трошење на јавните средства, што резултира со продолжување на ваквите незаконски практики.
ЗЛОУПОТРЕБИ КАЈ ЈАВНИТЕ НАБАВКИ
- Регулативата за јавни набавки и пропишаните принципи кои треба да обезбедат фер конкуренција на понудувачите, еднаков третман и недискриминација, транспарентност и интегритет на процесот и рационално и ефикасно искористување на средствата во постапките за јавни набавки, перманентно се игнорирани и кршени, особено кај големите тендери. Снимките од прислушуваните разговори само ги потврдија податоците дека најголемите јавни набавки во износ од десетици милиони евра за потребите на РЕК Битола кои ги спроведуваше АД ЕЛЕМ, ги добија фирмите блиски до власта, во однапред договорени тендери, за што постојат силни индиции дека се правени за возврат да се добијат „спознорства“ за владејачките структури. Објавените снимки од прислушуваните разговори ги потврдија податоците од истражувањето на невладината организација Центар за граѓански комуникации дека најголемите тендери во последните пет години (во износ од 933 милиони евра) ги добиле токму фирмите блиски до власта. Доколку се земе предвид податокот дека АД ЕЛЕМ, вопоследните пет години, од 100 најголеми договори за јавни набавки во државава има склучено 23, во вкупна вредност од 384 милиони евра, тогаш е сфатлив интересот на фирмите да добијат тендер од оваа државна компанија, по цена и да се согласат за давање на побараните „спонзорства“. Податокот што Службата за општи и заеднички работи при Владата на РМ извршила набавки во вредност од неверојатни 91 милион евра, што главно ги добиваат исти фирми, неспорно го потвдува однапред познатиот исход од објавените тендери.
Како резултат на таквата незаконска и коруптивна политика кај јавните набавки (кога тендерите ги добиват фирми блиски до власта, меѓу кои и оние во сопственост на блиски роднини на функционери од власта), од година во година драстично се намалува бројот на фирми кои учестуват на тендерите, но се одвраќаат и реномираните странски компании да учествуват во натпреварот, бидејќи не сакаат да бидат дел од сомнителни и корумпирани постапки чиј исход често е однапред познат.
ТМ со години ги следи ваквите практики во кои се содржат индиции за голема корупција. Бараме од органите надлежни за тоа да преземат енергични мерки за санкционирање на лицата кои се ставиле над законите, без оглед на нивната функција или партиска припадност.
ТЕХНОЛОШКИ ИНДУСТРИСКИ РАЗВОЈНИ ЗОНИ
- Создавање на Технолошко индустриските развојни зони (ТИРЗ) беше еден од најважните проекти на Владата на ВМРО-ДПМНЕ уште од доаѓањето на власт во 2006 г. Целта на создавањето на ТИРЗ на повеќе локации низ Република Македонија беше да се создадат поволни услови со кои ќе се привлечат големи странски компании да инвестираат во земјава.
Со создавањето на ТИРЗ, Владата презеде обврска да ја изгради целокупната инфраструктура во зоната, како и сите објекти кои би им биле потребни на странските инвеститори (административни згради, фабрички хали, магацини и т.н.). Како дополнителен стимул за привлекување на странски инвестиции во ТИРЗ беа и низата поволности поврзани со плаќањето на царинските давачки, персоналниот данок од доход и социјалните давачки, односно придонесите за пензиско и инвалидско и здравствено осигурување, кои по правило би требало да бидат на товар на работодавачот (странскиот инвеститор). Исто така, сé уште не е јасно дали фирмите кои работат во ТИРЗ се ДДВ обврзници и, ако се, дали повратот на ДДВ и кај нив доцни и по неколку месеци, како што е тоа случај со македонските фирми.
Со тоа, владата на РМ им овозможува на странските инвеститори да избегнуваат големи износи на трошоци и им овозможува да остваруваат енормно високи профити. Прашање е дали Владата има направено анализа колкави се економските ефекти од овие инвестиции за Република Македонија? Овие ТИРЗ се изградени со средства на граѓаните на РМ, односно од буџетот на државата, па нормално би било граѓаните да ги почувствуваат и економските ефекти од странските инвестиции. Во изминатите години ваквите ефекти беа многу скромни, што ја доведува целата политика во оваа област под прашање.
Со оглед на јавниот интерес врзан за работењето на ТИРЗ, ТМ бара од Владата да објасни колкави се реалните економски ефекти од инвестициите во ТИРЗ за македонската економија и во тековниот и во изминатиот период од девет години.
ПРЕСКАПИ И БЕСПОЛЕЗНИ МЕДИУМСКИ КАМПАЊИ
- Повеќегодишната практика на незаконско, неодговорно и неконтролирано трошење на парите на граѓаните во областа на владините рекламни кампањи продолжува со несмален интензитет, наспроти бројните афери и домашните и странски реакции дека јавните средства се трошат на сомнителен и коруптивен начин. Најновата бесмислена и прескапа кампања на Генералниот секретаријат на Владата во износ од неверојатни 468.000 евра со која ќе се подигнела свеста на граѓаните за рационална употреба на лекови, упатува на сериозно сомневање дека крајната цел на оваа кампања, како и досега, е извлекување на буџетски средства кои најверојатно ќе завршат на нечии други сметки, но и продолжување на испробаниот рецепт на корумпирање на омилените медиуми на Владата преку кои ќе се промовира кампањата и ќе се влијае врз нивната уредувачка политика. ТМ во континуитет го следи незаконското трошење на јавните средства за бесмислени и прескапи кампањи и промоции на владините политики, за што постои сериозно сомневање за злоупотреба на службената положба и корупција. ТМ ќе бара од надлежните органи кога ќе почнат да ја извршуват функцијата за која се платени, да покренат постапка за утврдување на материјална и кривична одговорност за сите функционери и други раководни лица вмешани во ваквите незаконски практики.
СОСТОЈБА СО СЛОБОДАТА НА ГОВОРОТ И МЕДИУМИТЕ
- Од половината на април и во текот на месец мај 2015 г. во Македонија се случија низа насилства кои имаат една заедничка политичка заднина: целите на овие насилства се критичари на власта и нејзините политики, некои од нив познати новинари или политички функционери, а некои и само поддржувачи на опозицијата. Од 14 април до 24 мај се подметнати пожари и сосема се запалени 5 возила на неистомисленици со власта; на кукавички начин физички се нападнати три лица во три засебни инциденти (еден новинар, еден истакнат невладин активист и еден општински функционер на СДСМ), од кои двајца завршија со потешки физички повреди; а на еден истакнат новинар, критичар на власта, поддржувачите на актуелниот владејачки режим во Македонија му испорачаа посмртен венец на домашната адреса.
ТМ ја предупредува домашната, но уште повеќе странската демократска и политичка јавност, дека насилството врз неистомислениците на режимот во Македонија ескалира и добива драматични размери. Очигледно е дека колку што повеќе ослабуваат политичките и владејачките позиции на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, толку се зголемува бројот и интензитетот на инцидентите, но и количеството на насилие. ТМ укажува дека во стручната јавност која се занимава со безбедносната ситуација во Македонија се познати повеќето од извршителите на овие насилства, но и втемеленоста на претпоставките за нивните врски со власта. Предупредуваме дека насилството мора веднаш да престане, а сторителите да се гонат според законот.
