„Никој не верува во тоа, ни самите протагонисти во снимките не веруваат дека разговорите се монтирани. Зборуваме дали веруваат, друго е тоа што изјавуваат“, вака Ермира Мехмети во интервју за Призма ја коментира тезата дека Заев интервенира во телефонските разговори кои ги објавува.
Доказ за тоа, вели таа, е дека муабетите кои ги слушаме се спонтани, природни, дијалогот тече и кога има моменти на триумфализам во тој дух е и реакцијата на соговорникот.
„Би било супермаестрално такво нешто да се монтира.“
Ја шокирала снимката во која се говори за осудените во случајот „Сопот“, бидејќи во дијалогот меѓу експолициските функционери Гордана Јанкулоска и Сашо Мијалков има признание дека невини се држат во затвор.
„Констатациите на соговорниците се најдраматичниот доказ кој покажува до кој степен забораваме дека, сепак, кон граѓаните имаме должност и одговорност“, констатира пратеничката.
Очекувала поголема реакција од ДУИ за содржината на оваа снимка.
„Не можам да проценам дали поради принципиелниот став за транспарентна истрага околу прислушувањето, ние се воздржавме од реакција или некоја друга е причината. Очекував и се надевав дека ќе има погласна реакција“
Проблемот е, смета таа, доминантниот стил на владеење на Груевски.
„Тој има тешкотии да разбере зошто е потребен меѓуетнички дијалог, има проблем да разбере зошто е потребен дијалог со опозицијата, има проблем да разбере зошто е потребен дијалог со медиумите, зошто е потребно независно судство, зошто невладиниот сектор има граѓанска должност да го критикува работењето на Владата и да придонесе во демократскиот амбиент.“
Според неа не е случајно тоа што еврокомесарот Јоханес Хан по преговорите меѓу власта и опозицијата го искористи терминот „транзициски период“.
„Мислам дека транзициската влада ќе има чист мандат да обезбеди мирен транзициски период, организирање избори и транзиција на власта без разлика кој ќе победи. А таа нова гарнитура која ќе произлезе по изборите, таа веќе ќе го има тој товор да го среди овој хаос.“
За неа неприфатливо е Груевски да биде премиер на оваа транзициска Влада.
„Мислам дека Република Македонија има потреба од нов премиер. Го видовме зенитот на господинот Груевски, не секогаш во најдобро светло за сите граѓани, но мислам дека помина моментот на зенитот.“
Целото интервју прочитајте го на Призма на следниот линк.
