Тројца полски министри и претседателот на Сејмот поднесоа оставки

од Vladimir Zorba
89 прегледи

Полските министри за финансии Матеуш Шчурек, за здравство Бартош Арлукович и за спорт и туризам Анджеј Бјернат, како и претседателот на Сејмот, Радослав Сикорски, поднесоа оставки на функциите, соопшти синоќа премиерката на Полска, Ева Копач.

копац

Како што јавија полските медиуми, оставките на четворцата членови на владејачката партија Граѓанска платформа (ПО), следуваат откако денеска во јавноста протекоа информации за текот на истрагата во врска со аферата од пред една година за прислушување на високи владини претставници.

Објавувајќи ги оставките, Копач изјави дека сака да ја поврати довербата на гласачите во ПО, која, според анкетите на јавното мислење, на четири месеци пред изборите заостанува по популарноста зад опозицската партија Право и правда за пет до 10 проценти.

Премиерката нагласи дека е неопходно да биде избран нов јавен обвинител, кој ќе ја води истрагата за аудиснимките објавени минатата година, со прислушувани приватни разговори меѓу високи владини претставници, водени во два ресторани во Варшава.