Отворено писмо на претседателот Величковски до евро-пратеникот Вајгл:
Почитуван г-не Вајгл,
Бидејќи не сум бил во можност при Вашите посети на РМ да побарам се сретнам со Вас и да Ви ги изложам нашите оценки и решенија за состојбите што се случуваат кај нас, ова мое отворено писмо до Вас, иако не може да ја замени личната средба, е форма јавно да ви ги соопштам нашите погледи на актуелните состојби во преговорите за решавање на кризата.
Непосреден повод на ова писмо е поплавата од напади врз г. Заев од страна на провладините медиуми во нашата земја, во кои тој се означува како единствен виновник за неуспехот на преговорите во Брисел. Треба да Ви укажам дека основа за оваа офанзива против Заев и против опозицијата во Македонија е Вашата изјава во која доста јасно го означувате Заев како единствен виновник кој и нанел штета на нашата држава.
Ја разбирам Вашата преоптовареност, но мислам дека овој пат сте се зафатиле со сериозна работа и имате обврска добро да го подготвите она што ќе го кажете во официјална изјава. Сметам дека Вашата последна изјава добива искривоколчено значење и така влијае во домашната јавност, бидејќи Вие, веројатно со г. Хан, заради обемната агенда, сте си поставиле задача на одржаните разговори во Брисел да ги решите сите прашања. Затоа многу лесно, веројатно и во момент на лутина го обвинувате Заев дека и нанел штета на нашата држава. Со таа реченица, г. Вајгл, Вие сте зазеле страна во овој тежок спор кој ја оптоварува нашата држава.
Сте зазеле страна и сте се ангажирале во корист на Груевски и сегашната власт во Македонија, не мислејќи многу кој, каква и колку штетат и нанел на РМ. Можеби испуштате од вид, но ЕУ пет години по ред даваше препорака за отворање преговори за прием во полноправно членство на РМ во ЕУ. Таа препорака одеше заедно со годишните извештаи за напредокот на патот кон Европа, а покрај пофалбите и признанијата, секогаш во извештаите стоеја и бенчмаркови, со јасни задачи што треба да ги изврши владата на Груевски.
Знаете ли, г. Вајгл, дека денес, не само по моја, туку и по оценка на угледни меѓународни институции, Македонија е значително поназад на својот европски пат од времето кога ја доби првата препорака? Значи, сосем е јасно дека во Македонија, не само што не се имплантирани европските вредности туку и оние што беа присутни пред првата препорака – сега од власта се сосем згазени.
Ова писмо би било предолго ако ги набројувам сите штети што Македонија ги трпи од власта на Груевски во периодот на нејзиното владеење. Вашето барање да најдете друг виновник во Македонија е сфатено како тој, другиот виновник, означен од Вас, да е единствениот виновник за сите несреќи, назадувања и понижувања што ги трпат граѓаните од власта во нашата земја. Тоа е жална невистина.
Колку што разбрав, вината на Заев е во тоа што не се согласил Никола Груевски и во транзициониот период да остане на чело на владата. А кој разумен би се согласил со тоа барање? Ако тоа го прифател Заев, ЛП и јас би биле негови први противници и први би го осудиле.
Кој може да прифати на чело на преодната влада, што треба да ја подготви земјата за фер и демократски избори, да биде лицето кое е јасно лоцирано како носител на изборниот процес што масовно ја искривува волјата на граѓаните?
Зарем не се осврнувате, г. Вајгл, на искуството на Европската Комисија, зарем не гледате дека Груевски ги изигра сите нејзини препораки, а со години Ве убедуваше дека доследно постапува по нив. Сетете се само на првомартовскиот договор постигнат под покровителство на г. Филе, кој беше поздравен од ЕУ – Груевски доби пофалби за неговото склучување, а во пракса ВМРО-ДПМНЕ тој договор му даде карактеристика на тоалетна хартија.
Размислувајќи за оваа ваша изјава, си дозволувам да Ве посоветувам да ја прифатите сугестијата од г. Билд. Таа со право е упатена до г. Хан, но нема да биде лошо и Вие да ја прифатите. Само со повеќе работа и со искрена желба да ја доловите суштината на македонската криза, ќе можете во преговорите точно да посочите кои се замајувањата и избегнувањата да се преземе било каква обврска, а кој поставувајќи, услов за решавање на кризата, да биде симнат од политичката сцена како основен виновник. Всушност, во тоа гледам единствено решение.
Ако сте заинтересиран, има многу начини и извори преку кои ќе се уверите во ширината и длабочината на поклопеноста на државата од Груевски и Ахмети и врвовите на нивните партии. Ви стојам на располагање да ви помогнам согласно Вашите потреби.
Ве молам да ме разберете што морав да Ви го упатам ова отворено писмо, иако многу повеќе би сакал да имаме пријателски средби и разговори, во духот на либералната идеја која ја делиме.
Со почит,
Ивон Величковски, претседател на Либералната партија на Македонија
