СДСМ покажува знаци на каење што потпишаа договор за предвремени избори и почнаа да прават чекори да ги одолговлечат и одложат планираните априлски избори, рече вечерва во својот говор лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на 25-годишнината од основањето на партијата. 
– Како после следните избори СДСМ ќе се оправдува, што ли ќе смислат тогаш? Ќе најдат ли сили да признаат пораз, да пружат рака, и да ја остават Македонија да чекори напред, а тие да делуваат како опозиција во секоја нормална држава? Ќе мораат. Ќе немаат избор.
Затоа не смееме да им оставиме ни ронка простор за изговор, треба да одиме на избори и да се соочат со народот, рече Груевски
Тие, според него, веќе покажаа знаци на покајување што потпишаа договор за предвремени избори, и почнаа да прават чекори за да го срушат овој договор или да ги одолговлечат и одложат планираните априлски избори.
– Тоа нема да им го дозволиме. Тоа овој пат нема да им го дозволат ни оние во кои тие почиваа најмногу надеж, меѓународната заедница. И ним им доаѓа преку глава деструктивното делување на оваа група луѓе изгубени во политиката, смета првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ.
Поддршката од народот не доаѓа без причина, рече пред сопартијците Груевски додавајќи дека, таа е заслужена, со многу труд, залагање, проекти, реформи, и со држење до дадениот збор и исполнување на ветеното.
– И со лојаност кон народот кој ни ја дава таа доверба, и тоа токму тогаш кога сме му најпотребни, рече Груевски на 25-от роденден на партијата