(ВИДЕО) Дискусија: Избирачкиот список треба да му припаѓа на ДИК, а не на “МВРО-ВМРО“

од desk3
86 прегледи

 
Мнозинството во Државната изборна комисија (ДИК) се членови на владејачките партии иако претседателот е од опозицијата. ДИК реално нема моќ за најглавниот инструмент при изборите – Избирачкиот список, кој “го прави“ МВР. Како оваа ситуација да се подобри?

Ова е една од најглавните дилеми која се отвори на вчерашната дискусија пред владата, во опозицискиот Камп на слободата, на тема „Избирачки список – сегашна состојба и механизми за прочистување“, на која збор земаа Дончо Герасимовски, поранешен директор на Државен завод за статистика, Рената Треневска Десковска, универзитетска професорка и Дамјан Манчечевски, потпретседател на СДСМ.

Како што на самиот старт рече Герасимовски, списокот треба да биде квалитетен, точен и навремен за потребите на граѓаните.

– Избирачкиот список има одредена процедура кој поминува низ одредени институции кои на крајот го верификуваат. Од регистрација на одредени документи кои се врши во Министерството за внатрешни работи, се доставува до Државниот завод за статистика, кој понатаму врши прераспределување на списокот. Аномалии има во Избирачкиот список во зависност од институциите кои што го прават. И на крај тој се доставува до ДИК. Избирачкиот список треба да е квалитетно изработен и точен од МВР, а останатите институции можат само да го погледнат, рече Герасимовски.

Тој напомена пред граѓаните дека за фер и демократски избори треба да имаме прочистен Избирачки список.

– При неисчистени сомнежи во државата кој каде живее, ако државата не знае точно каде се нејзините граѓани, тешко е да се изработи еден пречистен и јасен Избирачки список. Избирачкиот список треба да се проверува и ажурира на секои три месеци во надлежните институции, и ако се прави тоа чесно и искрено, би имале почист, пообјективен и пореален список, надополни тој.

Според поранешниот директорна Државниот завод за статистика, многу важно прашање кое мора да биде затворено во поглед на шпекулациите за тоа колку навистина гласачи има во Македонија, е спроведувањето на попис.

– Бидејќи немаме спроведено попис веќе 13 години наназад, Македонија е единствена со Сомалија и тие се двете земји кои немаат спроведено попис во одреден временски период. Тоа е катастрофа, да не се знае каде се граѓаните, а пописот е важен за иднината на земјата, да се согледаат сите аспекти за потребите на државата, заклучи Герасимовски.

Професорката Рената Треневска Десковска во својот вовед рече дека таа лично ги почувствувала сите аномалии и нерегуларности од неисчистениот список и механизмите кои власта ги има на располагање за време на избори. Како што рече Треневска Десковска, при правилни избори, Груевски ќе изгубеше од неа во Изборната единица 1, и ќе беше сега политички мртов.

– Проблемите со Избирачкиот список во добар дел може да се забележат и во Изборната единица 1 чија што листа ја предводев на последните избори. Имавме бројни јавувања од наши членови, активисти кои кажуваа дека доаѓаат луѓе да гласаат со адреси кои не постојат. Во ИЕ 1 гласаа и луѓе од непостоечки влезови и спратови на згради, Пустец и други граѓани кои беа запишани кои немале живеалиште во Македонија, беа во ИЕ 1. И покрај сите манипулации разликата во пратеници меѓу нашата листа и онаа на Груевски е само еден. Да не беа овие манипулации, Груевски ќе изгубеше во неговата единица и ќе беше политички мртов, рече таа.

Сепак, како и многу пати досега, како што се покажало во практика, институциите остануваат неми на барањата на опозицијата и граѓаните кои се критичари на оваа власт.

– За сите нерегуларности на кои ние алармиравме, институциите игнорираа и беа слепи. Како може да очекувате реален Избирачки список во земја со 2.065.765 жители а Избирачкиот список, со над 1.700.000 гласачи. На ова реагираше и набљудувачката мисија на ОБСЕ која забележа дека Избирачкиот список е сомнителен, рече професорката.

Извештајот на Европската комисија, изработен од група експерти под водство на поранешниот директор во ЕК, Рејнхард Прибе повторно укажа на ова, исто така и на проблем со институциите кои раководат со Избирачкиот список.

– По закон, ДИК треба да биде надележен, а во суштина главната улога ја има МВРО ВМРО, и можете да очекувате дека МВРО ВМРО ќе направи објективен Избирачки список? ДИК остана слеп, поради мнозинството. Во ДИК, иако претседател на Комисијата е од опозицијата, мнозинството го имаат партиите на власт, а претседателот нема можност да наметнува точки на дневен ред, рече таа.

Во извештајот на Прибе се вели “несфатливо е како ДИК заклучи дека не може да преземе никаква активност во однос на сомневањата за грубо кршење на одредбите од Изборниот законик“. ДИК мора да ги испита и истражи нерегуларностите од минатите избори, без оглед што тие се завршени, тоа е апелот на експертите кои заедно со Прибе го правеа извештајот.

– Околу Избирачкиот список постојано гледаме префрлање на топката за одговорност меѓу МВРО и ДИК. И ако не ни верувате нас како претставници на опозицијата, можете да го видите на извештајот на Прибе. Во објавените разговори јасно се гледа дека свесно и неосновано се давало живеалиште, на лица, на адреси на кои што не живеат, рече Рената Треневска Десковска.

Цититрајќи разговор од бомбите кои ги објавува Зоран Заев, таа вели од прислушуваните разговори се потврдуваат обвинувањата на опозицијата за нерегуларнисти во Избирачкиот спсисок.

– Власта на Груевски не е легитимна, бидејќи предвремените избори не беа легитимни, Меѓународната заедница го знае тоа, порача професорката.

Зошто СДСМ интервенира во преговорите особено на оставка на премиерот и министрите? Дамјан Манчевск, потпретседателот на партијата, вели СДСМ во овие преговори интервенира за да се намали влијанието на МВР врз Избирачкиот список, бидејќи реално Државната изборна комисија е немоќна. И не само заради сегашното МВР, туку за сите следни избори.

– Има две решенија: Едното е теренска проверка на Избирачкиот список. Но тоа мора да биде 100 отстотна проверка, бидејќи врз база на 5 до 10 пилот општини повторно би имало дилеми.

Вториот начин е да го избришеме Избирачкиот список. А тоа значи, гласачот да се регистрира на лице место при гласањето во неговата единица. Нам би ни било потешко да ги убедиме гласачите за разлика од механизмите на сила кои ги користи власта, но при ова решение тоа е предизвик со кој треба да се соочиме, рече Манчевски.

Како што вели Манчевски, тој што решил да краде на избори ќе краде секако бидејќи ги има сите механизми под своја рака за изборите, и затоа е клучно Никола Груевски да даде оставка, пред да се зборува за тоа како да се прочисти Избирачки список.

– Преговори без преодна влада не доаѓа во предвид, порача Манчевски.

Имено, во извештајот на група експерти кои работеа под водство на Германецот и поранешен директор во ЕК, Рејнхард Прибе, се вели “седмото и осмото откритие објавени на 6-ти и 10-ти март 2015-та година (се мисли на бомбите на Заев), вклучуваат делови во кои се гледа манипулација со избирачкиот список, купување на гласови, заплашување на гласачите, како и закани до цивилните набљудувачи“.

Експертите од ЕУ, препорачуваат дека ДИК не смее никако да донесува одлуки според политичката припадност на членовите, и дека треба да се размисли да се постават одреден број на членови во Комисијата кои ја имаат докажано својата независност и не и припаѓаат на ниту една политичка партија.

Со вчерашната дискусија заврши програмата и за 35.ден откако е поставен Кампот на слободата во кој секој ден се организираат дебати и дискусии за одредени сектори во државата.

И по 35 дена спиење по отворено и прозивките за оставка на Никола Груевски и неговите министри, премиерот смета дека пред владата протестираат неколку партиски луѓе во импровизиран камп.