Непродадениот леб во пекарата, остатоците од вечерата или од бифето на некој хотел – сето тоа оди директно на ѓубрето. Отпадот од прехранбени производи има стекнато загрижувачки димензии.
Еколошката организација WWF предупредува за опасен тренд – само во Германија годишно се фрлаат 18 милиони тони храна. “Секоја секунда ние фрламе во просек по 313 килограми прехранбени производи, погодни за употреба”, вели Тања Дрегер де Тера од WWF. Тоа се приближно една третина од сите производи кои се купуваат во Германија.
Додека во сиромашните земји недостигот на храна е предизвикан од неефикасните методи за берење, чување и транспорт на реколтите во богатите земји најголеми загуби експертите регистрираат на крајот на синџирот – т.е. кај корисниците. Значи излегува дека над 2,6 милиони хектари обработливо земјиште произведуваат само “за ѓубре”. Освен тоа, во атмосферата непотребно се исфрлаат речиси 48 милиони тони стакленички гасови.
Приватните домаќинства создаваат речиси 40 проценти од комуналниот отпад во Германија. “Ако земјоделството, трговијата и потрошувачите заедно се обидат да го намалат количеството на отпадоци од храна, тие ќе придонесат значително за заштитата на климата и ресурсите”, вели Тања Дрегер де Тера.

Одговорно пазарење, готвење и чување
Експертите од WWF сметаат дека приватните домаќинства можат да спречат огромното трошењето. Ова се однесува најмногу на лебот, овошјето и зеленчукот. “Ако купуваме во помали количини, ја подготвуваме свежо и ја складираме храната правилно, ќе можеме значително да ја намалиме фрлената храна”, пишува професионалниот готвач Кристијан Рах во предговорот кон студијата на WWF.
Еколошката организација апелира за национална кампања, која ќе си постави цел да го ограничи на половина расфрлањето на суровини во Германија. Експертите се сигурни дека и без воведување на нови технологии може да биде спречено губење на 10 до 18 милиони тони прехранбени производи – преку подобрување на менаџментот и промена на потрошувачките навики на пример. Во меѓувреме има индиции за тоа дека свеста на германските потрошувачи почнува да се менува.
Уште во 2011 година филмот “Taste the waste” трага по синџирот како се губи храната. Оттогаш наваму се појавија бројни иницијативи. На интернет-платформи како “Foodsharing.de” овчари ги нудат бесплатно останатите прехрамбени производи. Наскоро може да се јави и ерата на јавно достапните фрижидери. Иницијативата “VoluNation” информира дека во германските говорни земји веќе има 7 500 лица кои работат на доброволна основа, за да “спасуваат” од трошењето прехранбени производи. Тие снабдуваат 200 јавно достапни ладилници со прехранбени производи од непродаденото во трговската мрежа .
