Дел од работниците во фабриката за автомобили на “Дачија” во Романија ќе бидат заменети со роботи, а оние кои сами ќе напуштат, ќе добијат надомест од 10 000 до 100 000 романски леи.
Француската компанија “Рено”, која од 1998 година е сопственик на “Дачија”, ја спроведува програмата за доброволно заминување, бидејќи некои од позициите ќе бидат окупирани од роботи. Ова е со цел да се зголеми степенот на автоматизација во процесот на производство.
Од “Рено” планираат нивото на автоматизација во наредните пет години да се зголеми до 20%.
Просечната плата на работник во “Дачија” е 2600 леи (околу 570 евра), што е висока плата за романскиот стандард, но и покрај тоа е два пати помала од платите на работниците на “Рено” во Франција. Романските вработени имаат плата како таа на нивните колеги од фабриките на “Рено” во Мароко, каде се произведуваат “Дачија Лоџ”, “Сандеро” и “Докер”.