Дејвид Камерон прифаќа одложување на измените на спогодбата на ЕУ

од Vladimir Zorba
96 прегледи

Британскиот премиер Дејвид Камерон прифаќа дека можеби не ќе може да се изменат европските спогодби за да се удоволи на барањата на Велика Британија за реформирање на ЕУ пред планираниот британски референдум за останување или за заминување од Унијата, тврди Би-Би-Си, повикувајќи се на свои дипломатски извори.

Dejvid-Kamerun-720x340

Даунинг стрит 10 не го потврдува ваквото откритие на британската, јавна медиумска компанија, но ниту го демантира, задоволувајќи се со констатацијата дека Камерон останува определен за спроведување на „соодветна и сеопфатна“ промена на (лисабонската) спогодба.

Премиерот Камерон останува на определбата за организирање референдум за британското членство во ЕУ, планиран да се одржи до крајот на 2017 година.

Засега и понатаму останува определбата референдумот да се одржи откако ќе се извршат новите британско-европски преговори за иднината на Британија во Унијата, но сега се прифаќа дека која било од промените на кои се инсистира може да се донесат и подоцна.

На сегашниот Самит на ЕУ во Брисел, Велика Британија првпат, формално го постави барањето за отворање нови преговори меѓу Лондон и Брисел и за тоа Камерон ги извести своите партнери во Унијата.Портпаролот на кабинетот на Камерон во Даунинг стрит 10 изјави дека британскиот премиер е цврсто определен да не прифати  каков било нов европски договор кој нема да биде во согласност со барањата на Британија за реформирање на спогодбите и документите на ЕУ.

– Британците за сето ова, самите ќе може да одлучат, кога ќе гласаат на референдумот, вели овој портпарол, но официјален Лондон, сега, прифаќа дека за секоја промена на лисабонската,  или на некоја друга европска спогодба, е потребно доста време. Освен преговорите и евентуалната согласност за промената, договореното треба да се ратификува во парламентите на секоја од земјите членки на ЕУ, додека во Франција, Ирска и во Данска за тоа е потребно да се организираат и референдуми.

Целиот тој  процес и да почне веднаш и сите во Унијата веднаш да се согласат со она што го бараат Британците, не ќе може да се стигне работите да завршат пред референдумот во Британија, до кога има помалку од 2,5 години.

Британската опозиција ја искористи согласноста на Даунинг стрит 10  и на премиерот Камерон, за да се нападне неговата европска политика, објаснувајќи  дека неговите аспирации за менување на Унијата, според британски терк,  се преамбициозни и над реалните можности.

Антиевропската Партија за независност на Обединетото Крластво (УКИП) и нејзниот лидер Најџел Фараж во првата реакција посочуваат на своите поранешни ставови дека Камерон „нема ништо да направи“ и дека нема да има реформирање на ЕУ, онака како што бара Британија.

Неговата изјава доаѓа по соопштението од Брисел, дека британско-европските преговори би ги надгледувал претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск. Полскиот политичар и поранешен премиер на оваа езмја, за Би-Би-Си изјави дека без разлика на преговорите, сепак,  фундаменталните вреднисти на ЕУ „не се за продавање и за нив не може да се преговара“./MIA