Подложни на асимилирање од други етнички заедници (албанизација и турцизација) поради отуѓеноста во очите на православните Македонци и поради специфичната припадност често служејќи како „монета за поткусурување или јаболко на раздорот“ за политички цели. Таква е положбата на Македонците со исламска религија за кои денеска во МАНУ се одржува научен собир. Триесетина учесници со реферати во текот на денов ќе се осврнат на теми за сите сегменти од нивниот живот, обичаи, јазик и историја.
Претседателот на МАНУ, академик Владо Камбовски на отворањето на собирот рече дека научниот собир во МАНУ има важна задача да го поттикне научниот интерес за, како што рече, пробив во заплетканите лавиринти на односот меѓу националното и етничкото, од една страна, и верското, религиозното, од друга страна, и како тие влијаат денес во услови на отвореност и глобализација.
– Дали е за суштинско одредување на идентитетот приоритетно националното, етничкото, или религиозното. Или, пак, е можна синтеза на сите поединечни детерминанти, како што се и јазикот, традициите, фолклорот, обичаите, секојдневниот живот, стилот на живот… Од друга страна, дали таквиот повисок поим на културен идентитет, кој ги синтетизира сите фактори на идентитетските врски на поединецот и општествената група, крие опасност од нивна селекција, потиснување и исчезнување по дејство на асимилаторската моќ на одреден од нив, пред се етничкиот…, рече Камбовски.
Претседателот на Сојузот на Македонците со исламска религија Исмаил Бојда смета дека засекогаш треба да се разграничи што е нација, а што е религија за да не се користи тоа во намерите за асимилација и да не предизвикува поделеност и омрази. Ја употреби симболиката на Нијази Лимановски кој двете категории ги споредил со два воза кои тргнуваат од иста станица. – Тие тргнуваат паралелно во иста насока и никогаш нема да се судрат, освен ако свртничарот не го направи тоа, рече Бојда, посочувајќи ги за пример војните со верски предзнак на просторот на поранешна Југославија.
– Нас поради верата сакаат да не одделат, да не асимилираат, да не откорнат од нашите корени македонски, да не нема, да не постоиме како Македонци. Но, нас не има, не има и тоа во доста голем број. Во Република Македонија не има повеќе од 150.000, и во Гора и во Голо Брдо, и во други места во Албанија, во Косово, Грција, Бугарија, а најмногу во Турција, околу три милиони… Државните институции на Македонија треба да се ангажираат и да ги преземат сите неопходни мерки Македонците со исламска религија да го најдат своето место во сопствената држава под сопственото сонце македонско, како нераскинлив и неотуѓив дел од макеоднскиот народ и нација и да не се дозволи да бидат растргнувани, черечени или монета за поткусурување, рече Бојда.
Валентина Божиновска, директорка на Комисијата за односи со верските заедници, апелираше да се зачува културното и лингвистичкото наследство на Македонците муслимани зашто во дијалектите во реканскиот крај, рече таа, е зачуван најтрадиционалниот говор на македонскиот јазик, кој го зборувале и пред исламизицијата.
Апелираше тие да можат во цела Македонија обредите во верските храмови да ги вршат на македонски, како што се практикува во делот на Река. Побара и ревидирање во образовниот процес, односно случаите на насилно воведување албански или турски јазик наместо македонски во наставата во некои училишта во западна Македонија каде што учат Македонци со исламска религија. Повика и тие се интегрираат во државните институции, исто како припадниците на другите етнички заедници, за да се спречи процесот на нивно масовно емигрирање, најмногу во Италија.
– Идентитетската конфузија за која сме одговорни како држава кон Македонците со исламска религија се повеќе се продлабочува. Отстранети од социјалните, економските, културолошките текови, нивното право, човеково право за нивниот национален идентитет, верската определба е се уште голема предрасуда како човеков морален конфликт, рече Божиновска на отворањето на научниот собир во МАНУ./МИА
