Украина престана да купува руски гас, бидејќи добива поевтин увоз од ЕУ. Така Киев врши притисок над “Газпром”, кој е принуден да смалуваат производството. Украина пак штеди пари, а тоа може да ја спаси од банкрот.
Без претплата нема резерви, објави рускиот концерн “Газпром” и ги прекина во средата испораките на гас за Украина. Тоа не беше изненадувачки. Претходната вечер украинската компанија Naftogas објави дека ќе престане да купува гас од Русија. А украинскиот министер за енергетика Володимир Демчишин прецизира дека додека двете страни не постигнат договор за цените на бензинот наредната зима, Украина ќе набавува гас од други места. Под “други места” Демчишин гледа кон ЕУ. Овој развој беше последица од неуспешните преговори меѓу Русија и Украина, одржани во Виена на крајот на месец јуни.
За што спорат двете земји?
Три главни камења на сопнување во преговорите меѓу Киев и Москва се : цената, роковите и количините на испораките. Русија и нуди на Украина цена од 247 долари (222 евра) за илјада кубни метри. Во оваа цена е вклучен и попуст од 40 долари, која Русија дава на Украина по линија на пониските извозни давачки. Во исто време Москва сериозно го намали овој попуст – досега тој изнесуваше 100 долари за илјада кубика. Ова објаснува зошто крајната цена за Украина останува непроменета, иако поевтинува суровината. Затоа Киев инсистира на намалување на цената со уште 40 долари.
Уште поголеми разлики имаат двете земји по прашањето за времетраењето на договорите. Многумина експерти во Киев сметаат дека ова е една од најважниот камен на сопнување. Додека Русија инсистира цената да се дефинира на секое тримесечје, Киев сака да се договори долгорочно – или барем за целата наредна грејна сезона.
Украина заработува од закочените испораки
За разлика од кризата во 2006 и 2009 година, кога Москва ги прекине испораките на гас, овој пат активната страна е Киев. Слично нешто се случува веќе втор пат: пред една година Украина одби да предплаќа за руските испораки – поради тоа што ги сметаше цените на “Гаспром” неразумно високи. Тогаш дојде до криза која траеше речиси половина година, за време на која Украина не добиваше гас од Русија. Компромисот беше постигнат во декември 2014 кога Москва ги обнови испораките за Украина.
Украина и овој пат лесно ќе го понесе запирањето на руските испораки, бидејќи грејната сезона започнува најрано во октомври, а потрошувачката на гас во моментов е ниска. Киев има и друга причина да е задоволен од тоа што во моментов не плаќа на Русија: државата нема речиси никакви пари. Од крајот на 2013 година Украина се движи по работ на банкрот и експертите не исклучуваат во крајот на јули 2015 таа да биде несолвентна. Сите преговори со странските кредитори за реструктуирање на украинскиот долг од околу 20 милијарди долари досега не дадоа резултат. Киев инсистира за простување на дел од долгот и одложување на плаќањата.
На Киев му треба буквално секој долар за да спречи државен банкрот. Освен тоа украинската страна во моментов врши притисок над “Газпром”, кој е принуден да го намали количеството гас. Киев знае дека Русија има потреба од украинските гасовни складишта, за да може да ги исполни своите обврски кон клиентите од ЕУ наредната зима. Украина и Русија уверуваат дека сегашниот спор меѓу нив нема да има влијание на транзитните испораки на гас за Европа. Во наредните денови украински претставници ќе разговараат со европските кредитори за финансиска помош за Украина, за да може складиштата навремено да бидат пополнети. Киев смета дека за тоа ќе му требаат најмалку една милијарда долари.
Може ли Европа да помогне навистина?
За решавање на спорот со Русија, Украина повторно се потпира на помош од ЕУ. Киев се надева да купува уште поголеми количини гас од Европа, како во моментов од Словачка. На овој начин Украина се надева да ја намали зависноста од Москва. Во првите 6 месеци од 2015 година Украина увезе од ЕУ два пати повеќе гас отколку од Русија – 6,3 милијарди кубни метри од Европа и 3,7 милијарди кубика од Русија. Киев тврди дека увозот од ЕУ е поевтин од рускиот увоз.
Украина може да добива до 23 милијарди кубни метри гас од Словачка, Унгарија и Полска, вели Мирек Тополанек од словачкиот гасен провајдер Eustream. Ова количество би покрило половина од годишната потрошувачка на Украина. Има, меѓутоа и тешкотии, дополнува Клаудија Кемферт од германскиот Институт за економски истражувања (DIW): “Дел од договорите со Русија не предвидуваат можноста гас од Западна Европа да се препродава на Исток”, потсетува таа.
