Основачот на Фејсбук Марк Цукерберг изјави дека според него во иднина технологијата за комуникација ќе овозможи да се праќаат и мисли.
“Ќе може да си помислиш нешто и ако сакаш, твојот пријател веднаш ќе може исто така да тоа го види”, рече Цукерберг во одговор на прашањето поставено на неговата Фејсбук страница и цитиран од технолошкиот сајт engadget.com.
Овие напредни технологии сепак сѐ уште се во иднината и за компанијата сега сѐ е насочено кон развојот на вештачката интелигенција, бидејќи според него “повеќе интелигентни услуги ќе бидат и многу повеќе корисни”. Исто така нивна цел е и развојот на виртуелната реалност, бидејќи тоа ќе е “следната голема компјутерска и комуникациска платформа”, додаде Цукерберг.
Според него Фејсбук го подготвува создавањето на систем со вештачка интелигенција, која “ќе е многу подобра од луѓето со нашите примарни сетила”. Според основачот на социјалната мрежа очилата за виртуелната реалност наскоро ќе станат дел од нашиот секојдневен живот, па на тој начин ќе имаме шанса да споделуваме искуства на нов начин.