НБРМ презеде првични мерки на претпазливост. Тоа, засега е доволно. Проблемите се кај Владата.
Кај апашкото, неодговорно друштво, кое котинуирано нé лизга кон економска и политичка катастрофа. Најдобрата мерка на ова влада, која што би била корисна за земјата, е нејзина безуслована оставка. Тие не се способни за ништо позитивно. Наместо да управуваат со потенцијалните кризи и шокови, тие секој ден ја поткопуваат стабилноста на системот по сите основи. Секој ден ги зголемуваат економските и политичките ризици. Сега веќе е извесно дека планираниот економски раст нема да се оствари, а тие (Владата и онаа несреќа од премиер) ги потрошија фискалните „бафери“ на катастрофата наречена „Скопје 2014“, чие продлабочување продолжува, на фондови за политичка корупција и на лични трансфери до егзотични дестинации во светот. И, во продплжението од оваа година ќе следи веќе видената „одбрамбена“ кампања: „И во услови на дополнителна, „непланирана“ криза кај нашиот јужен сосед и „опструкциите“ од домашната „петта колона“, сепак успеавме да оствариме раст на БДП од 1 или 2%“, вели во интервју за Mактел екс гувернерот Петар Гошев.
Криминалите што домашната и меѓународната јавност ги слушна преку т.н „бомби“ на СДСМ, како и матниот настан во Куманово, кои стигнаа до ушите и очите на целата меѓународна политичка и бизнис јавност, како и вестите за блокираноста на функционирањето на институциите на системот, веќе го покажуваат негативниот удар врз економијата во оваа година. Најновите настани во Грција ќе бидат, без сомнение, дополнителен удар по два основи: претрпената взаемна штета од застојот или редуцирањето на и онака ослабените економски активности, како и од новата емисија на нестабилност во регионот, зашто Грција не е само членка на ЕУ, туку е и дел од Балканот кој секој час емитира информации за економски и политички проблеми. Штетите врз доходот на земјата не можат во овој момент да се квантифицираат, а сигурно е дека ќе има и зголемат бројот на банкротирани компании и во Грција и во Македонија. Веќе има информации за прекин на досега воспоставени бизнис активности, а од пограничните региони со Грција доаѓаат информации за замирање на посетите на купувачите од Грција кои веќе традиционално се снабдуваат со стоки од нашите погранични пазари. Значи, штетата, едноставно, е неизбежна, зашто Грција е еден од 5-те најголеми трговски партнери на Македонија, со рамена во двете насоки која не е помала од 5% од нашиот едногодишен национален БДП,изјавил екс гувернерот.
Прашан дали и ние ќе го доживееме ова што и се случува на Грција, тој вели:
Тоа што се случува во Грција нам не ни е непознато. Последните десет години од минатиот век добро ѓи паметат штедачите на девизни средства, а добро ги паметат и штедачите на „ТАТ“ и некои други штедилници од тоа време. Ги паметат и сите граѓани кои чекаа во редови и пред банките (за да извлечат дел од заштедите) и пред продавниците за да купат млеко, зејтин или нешто друго од „корпата“, наречена основни производи за живот. Но, претпоставувам, мислите на тоа дали како држава може да дојдеме повторно во состојба на банкрот, зашто по распадот на СФРЈ, суштински ние бевме банкротирани, поради што водевме преговори за долгот со меѓународните кредитори – за отписи, за репрограмиеање и слично. Ако мислите на тоа, одговорот е да! Оваа власт забрзано нé турка во таква состојба. Колку побргу замине, толку повеќе сигурност дека тоа нема да ни се случи. Инаку, има бројни банкротства во светот, особено во минатото. Во современово доба банкротираат главно држави во кои не функционираат демократските институции, држаави со висока корупција, држави со автократска власт. Ние ги исполнуваме сите услови тоа да ни се случи, а како што реков, во тој правец се движиме. Кога го слушам вашето прашање, имам впечаток дека вие мислите дека нам ни е подобро од граѓаните на Грција, па затоа е нагласена поентата дали и нам може да ни се случи тоа. Морам да кажам, независно од тоа што се случува сега во Грција, нашата состојба е многу полоша, неспоредлива со Грција. Сромаштијата и невработеноста кај нас се многу поголеми од истите во Грција, нашиот животен стандард е далеку под грчкиот – со сите драми во Грција, а нашите потенцијали за раст и развој се исто така далеку под нивните. Да не зборуваме и за разликите во безбедносните ризици на двете држави.
Целото интервју прочитајте го тука
