Polarr е нова апликација за споделување и обработка на фотографии и всушност претставува надградба на Instagram. Продажбата во онлајн продавницата за апликации на Apple е повеќе од ветувачка, забележува онлајн изданието BusinessInsider.
Засега Polarr се нуди само за iOS, а се развива од седум лица на чело со Борут Ванг. Апликацијата е дизајнирана само за два месеци со идеја да им даде на корисниците пристап до професионалните функции за обработка на фотографиите без висока цена за соодветниот софтвер. Како резултат на тоа, само за првите 48 часа од лансирањето на Polarr во App Store апликацијата имаше 250 илјади преземања.
Ванг изјави дека нема рецепт, но открива што тој и неговиот тим направиле, за апликацијата да има поголеми шанси да падне во видното поле на корисниците.
На прво место е употребата на освежената верзија на оперативниот систем и нејзините карактеристики. За Polarr се користат iOS 8 и Webkit за развој на самата апликација.
Потоа тимот внимателно ги прочитал насоките и препораките на Apple. Тие подготвиле доволно информативни слики од интерфејсот на апликацијата и неколку видео демонстрации. Се поврзале со Apple за да ги известат дека таква апликација постои.
На трето место е внимателната селекција на времето. Apple прави селекција за нови апликации кои се ставаат во препорачаната секција на App Store секој четврток. Токму затоа Polarr беше ставен ден-два порано.
За Ванг сепак најважна е изградбата на производ кој дава квалитетна додадена вредност на корисниците и истовремено е фокусирана на добриот дизајн. Ванг за Polarr одлучи преку идејата: корисниците сакаат повеќе можности за обработка на фотографиите, но мобилната верзија на Adobe Photoshop чини 20 долари, што им се гледа многу. Polarr ги дава основните опции бесплатно, а целосната верзија се отклучува за пет долари.
Сега тој се надева дека Polarr ќе привлече корисниците кои сакаат нешто повеќе од основните функции на Instagram. Следниот чекор во амбициозниот план му е проучување на тоа како корисниците ги користат софтверските алатки и изградба на автоматизирана услуга за уредување на фотографиите според личните преференции на корисникот.