
Палмите што власта ги посади во повеќе градови низ Македонија, од утрово во Струга, Прилеп и во Скопје се запоседнати од мајмуни.
Нема информација кој стои зад оваа акција. Според пишувањата на порталите, закачените мали мајмуни се потсетување дека дрвјата што природно растат во Македонија се исечени, а на нивно место се садат палми кои тешко преживуваат во Македонија.
Инаку, пред две недели на неколку локации во Скопје, на дрвјата им беа поставени очи.
Во Велес пак уште две палми се опожарени ноќеска -Јави ДУМА. Од СВР Велес информираат дека околу три часот по полноќ било пријавено опожарувањето на двете палми. На лице место веднаш интервенирала територијалната противпожарна единица и спречила пожарот да се прошири на другиоте палми и тревата. И утрово се ширеше чад од запалените палми во паркот. Вработен од ЈКП Дервен со црево ги полеваше палмите и тревата околу нив. Увид на местото направила и екипа на СВР Велес. Од таму велат дека се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот на вандалскиот чин.
Опожарувањето на палмите во Младински парк како да стана навика на несовесни граѓани. Само пред неполн месец, поточно на 12 јуни, малолетник опожари една палма и направи штета во висина од 500 евра.