Ноам Чомски: Обесмислена демократија

од Vladimir Zorba
102 прегледи

 

Владите продолжуваат да ги намалуваат трошоците и да ги зголемуваат даноците, без оглед на тоа што народот мисли за тоа. Се следат директивите на Европската комисија, а изборите речиси се бесмислени, изјави познатиот филозоф Ноам Чомски на предавање во Бон.

цомски

Најпознатиот светски глобалист Ноам Чомски беше специјален гостин на форумот „Глобал медиа“ што Дојче веле го организираше во Бон.

Во предавањето кое го одржа овој американски филозоф и мислител зборуваше за реалната постоечка капиталистичка демократија во која живееме и за сите нејзини недостатоци.

Економски диктат: Најголемо внатрешно прашање кое ја интересира американската јавност секако се работните места. Од друга страна, пребогатите и моќни финансиски институции ги интересира само дефицитот. А што прави политиката? Таа налага штедење, одлучува да не отвара работни места, туку да го санира дефицитот.

Во Европа е уште полошо. Дури и „Волстрит џурнал“ во еден текст го потенцира отсуството на демократијата во Европа. Французите, Шпанците, Ирците, Холанѓаните, Португалците, Грците, Словенците, Словаците и Кипарните, од почетокот на кризата пред три години убедливо гласаа против моделот кој го нуди еврозоната. Во наведените земји, владите трпеа изборни порази, левичарите ги менуваа десничарите и обратно, но економската политика остана иста.

Владите продолжуваат да ги намалуваат трошоците и да ги зголемуваат даноците, без оглед што народот мисли за тоа. Националните влади ги следат макроекономските директиви кои ги поставува Европската комисија, а изборите речиси се бесмислени. Тоа личи како на земји од третиот свет со кои раководат меѓународните финансиски институции. Европа го одбра тој пат, а не мораше.

Национална безбедност: Студената војна е закана која постои 70 години, а денес во некои аспекти е уште поголема. Во постечката капиталистичка демократија правата и потребите на луѓето се споредна грижа. Владите зборуваат за националната безбедност, но тоа е главно мит. Тие всушност сакаат да ја зголемат моќта и да профитираат, а безбедноста не е основна грижа.

Застрашувачки пример е инвазијата на Ирак. Американските и британските тајни служби ги информираа владите дека мисијата во Ирак веројатно ќе го засили меѓународниот тероризам. Но, тоа никого не го интересираше. И навистина, бројот на терористичките акти седум пати се зголеми од денот по инвазијата.

Овие денови американската Влада ја оправдува масовната шпионажа која ја вршат тајните служби со тврдење дека така се пресметуваат со тероризмот. Да постои навистина слободен печат, тој би ги исмеал оправдувањата на американските лидери бидејќи е докажано дека нивната политика всушност поттикнува тероризам. Но, такво нешто нема, што не предупредува колку сме оддалечени и од идеалите за слобода на печатот.

Дезинформации: Улогата на Пи-Ар службите денес е уривање на демократијата. Само информираните гласачи донесуваат добри одлуки. Погледнете ги изборните кампањи, целта на Пи-Ар машинеријата е да создаде дезинформирани гласачи кои донесуваат ирационални одлуки. Пи-Ар индустријата стигна од политиката на проста трансформација од својата примарна функција на комерцијалниот маркетинг, а комерцијалното огласување е создадено да го руши пазарот.

Секој кој учел економија знае дека слободниот пазар се темели на информирани потрошувачи кои донесуваат рационални одлуки. Кога ќе вклучите телевизор, гледате дека рекламите се создадени да ги дезинформираат потрошувачите и да ги наведат на ирационално купување.

Промена на климата: САД и Канада со ентузијазам се обидуваат што побрзо и што поцелосно да ја искористат секоја капка на фосилните горива, вклучувајќи ги тука и тие опасните. Во ова екстравагантно самоуништување не се двоумат ни малку.

Секој натпис во дневните весници може да послужи како илустрација за ова лудило. Лудило е токму добар збор, бидејќи претставува спротивност на рационалноста.

Истовремено се одвиваат масовни корпорациски кампањи кои треба да го оправдаат ова лудило.

Наспроти тоа, американската јавност и натаму верува во науката и е многу блиску до глобалното ниво на загриженоста за животната средина. Многу луѓе предупредуваат на катастрофа и повикуваат на разни акции. Но, тука се покажува разликата меѓу мислењето на луѓето и ставовите на политиката и на партиите. За среќа, корпоративниот сектор како коњаница стигнува да се пресмета со проблемот.

Постои корпорациска творва наречена американски законодавен совет, кој пишува закони за потребите на федералните држави. Нема потреба да ви прецизирам какви закони пишуваат (на официјалната презентација Советот пишува дека се залагаат за конзервативни закони кои го бранат слободниот пазар). Зад нив се многу пари.

Тие сега работат на нова програма за да ја прекинат рационалноста која ја покажува јавноста. Таа програма ќе се спроведува до 12 одделение во училиштата, а идејата наводно е развој на критичко размислување кај децата преку балансирано учење. Кој нема да ја поддржи таа идеја! Но, балансираното учење за нив подразбира дека кога детето во училиште учи за промените и загрозувањето на климата, наставниците исто така мора да предаваат и теории кои ги негираат промените на климата.