Старите велат – оној кој се обидува да ги лаже другите, себеси се лаже. Во нивната мудрост не се сомневаме. Но, не сите „млади“ веруваат во нивната мудрина. Илија Димовски на својата фб страна, веднаш по објавувањето на постигнатиот договор за излез од политичката криза напиша, цитирам: ,,Иако не ги сакаа изборите, тие ќе се случат во април. Тогаш ќе биде готово. Народот победува”.
Велиш, народот ќе победи! Кој народ партиски Црн Свети Илија? Овој што го осиромашивте, оној што го лажевте и уценувавте сиве овие години, оној на кој му ветувавте се и сешто, оној на кој му овозможивте најмилите, неговите деца, да си заминат неповратно од државата, народот кој со сила го влечкавте по изнасилените и непотребн митинзи за спас на сопствената кожа, оној народ кој се изнаслуша снимки за провизии, плацеви на Водно и што уште не?! Тој ли народ Илија?!
Да не е сериозно, животно зависно, би било перверзно.
Дали народ на кој алаудираш е оној истиот кој се повеќе и се појавно изјавува ваша недоверба. Или, партиски ,,светецу”, и овојпат, како и досега, алаудираш на стотината илјади луѓе, поголемиот број администрстивци, кои и против својата волја МОРААТ да гласаат по наредба? Оние кои задолжително, и на оваа колумна претпоставувам, МОРААТ да ве бранат со пцости у гадости, до последната капка крв, бидејки постојано чекаат и зависат од ваша инфузуја. Но и меѓу нив има се повеќе освестени, сметајте на тоа, зошто зад изборниот параван овој пат нема да има „надзорници“. Своевидна лага е и твојот и вкупниот молк за падот на рејтингот на нашата ВМРО ДПМНЕ. Некажаната вистина е еднаква на лага, нели?
Во таа насока те постестувам дека од јуни минатата година рејтингот на ВМРО ДПМНЕ од 34 отсто е паднат на 23 отсто. Цели 11 отсто Илија! Засега и до овој момент… Исто така и рејтингот на Груевски е паднат од 25 отсто на 18 отсто и постојано е во надолна линија. А сега по објавувањето дека е постигнат договор за негово повлекување од премиерската позиција, тој вртоглаво секојдневно ќе паѓа.
Еве уште еден податок од истата таа анкета што ИРИ го објави со задоцнување, пред некој ден. Тие податоци велат дека популарноста на Груевски е рекордно падната и тоа го кажуваат 55 отсто од анкетираните кои се изјасниле дека тој не заслужува уште еден мандат. Само за постсетување, во 2007 година, за „тогашниот“ Груевски само 23 отсто од граѓаните рекле дека се незадоволни од неговата работа, зa да минатата година тоа незадоволство се зголеми за цели 15 отсто. Значи минатата година 38 отсто граѓани сметале дека Груевски не заслужува нов мандат, а денес тој процент е качен на 55. Само при очи слеп може да не ја согледа огромната прогерсија во растот на незадоволството од начинот на кој владеете оваа партиска врхушка.
ТВОЈОТ лидер Груевски синоќа веднаш по договорот изјави: „Граѓаните нé знаат сиве овие девет години, како работиме”. Да, се согласувам со неговата констатација и тој апсолутно е во право. Ве запознаа граѓаните и тоа многу добро и тоа го пoтврдуваат бројките. А знаеш ли што ќе биде откако ќе биде поставен специјалниот јавен обвинител кој ке ги истражи прислушуваните разговори? Дури и гласачите со префикс „МОРАМ” ќе се ослободат од вашите пранги. Не дека десничарот некогаш ќе се преобрати во левичар, но секако ќе побара ваша алтернатива.
Е сега, доколку сте барем и на момент искрени, одговорете – кој го урна рејтингот на нашата партија. Членството и симпатизерите? НЕ. Вие и само Вие, сите до еден од раководството, сте виновниците и сите заедно треба да си ја понесете одговорноста, без оглед на тоа каква ќе биде таа.
Алооо Иле, време е за приземјување! Додека се уште го имаме. Лагите, перчењето, чаламењето, популизмот… не минуваат повеќе. Сто пати повторената лага – пак останува лага, иако вие би сакале да не е така. Дојдено е времето за положување на сметките и времето на вистината.
На крајот, сепак во едно се согласувам со тебе Димовски – токму тој народ ќе гласа и повторно ќе победи. Ама сега и ќе казнува. Мандатот што овој пат ќе го даде народот е вжештена кованица. Исправните со леснотија ќе ја држат в рака, а грешните ќе се изгорат. Тоа што Вие, лично, ќе изгубите воошто не ме допира, туку ме боли тоа што постои можност за долгорочна штета врз мојата партија со откривање во јавноста што сé сте направиле за сиве овие години. Направениот зулум боли најмногу, Илија.
И затоа, тивко и полека, обидете се да си заминете ако и мислите добро на партијата и на државата. Напуштете ги функционерските места откажете се од партиските позиции. Доволно зулум и сторивте на ВМРО-ДПМНЕ. Ама, до тука било, повеќе нема да ви дозволиме. Заминете тивко, токму онака како и што влеговте во ВМРО. Оставете свесните, добронамерни и пред се, чесни членови да го спасат и да го вратат угледот на партијата и на државата на наредните избори. За општо добро.
Проф. д-р Јове Кекеновски
