Даниел не зема подолг одмор од евровизиската треска и веќе им го подари првиот летен хит на своите обожаватели. Станува збор за новиот сингл и видео спот на македонски јазик со наслов “10 Лета”. Автор на песната е Александра Милутиновиќ, аранжманот и продукцијата на Дарко Димитров, а преводот и адаптацијата на Огнен Неделковски.
„Големо задоволство ми е да излезам со целосно свој проект. Посебно сум среќен и благодарен на соработката со Александра, Дарко и Огнен. Со овој тим и сингл го најавувам мојот нареден проект – сингл и албум. До наредниот сингл, уживајте во 10 лета !!!“, изјави Даниел Кајмакоски.
„Текстот за синглот 10 лета го претставува Даниел како емотивен и силен дечко. Се зборува за љубов која се случила можеби не во правото време, но секако не е само авантура и нешто минливо. Благодарејќи на Дарко Димитров кој е продуцент на овој сингл, песната звучи свежо и му дава на Даниел еден свој печат, на почетокот на својата кариера. Како што би рекле ние авторите – се надевам дека песната и успехот ќе траат долго!”, рече, пак Алесандра Милутиновиќ.
Во вчера промовираниот видео спот можеме да погледнеме една летна љубовна приказна, исполнета со романтика крај водите на Охридското Езеро, каде на Даниел му е партнерка Поликсена Тунтева.
Наскоро ќе следи објавување на „Деценије” српската верзија на песната, заедно со видео спот.