ДВ: Опасни врски меѓу политиката и подземјето го минираат договорот за излез од кризата?!

од Vladimir Zorba
119 прегледи

Опасни врски меѓу политички елити и од нив раководеното подземје се закануваат да ги нарушат условите во кои треба да се спроведе договорот од 15 јуни за излез од кризата, со настани кои ќе го дефокусираат вниманието од таа цел, тврдат за Дојче веле, поранешни безбедносни функционери. Според нив, школски пример за таквите обиди се токму случаите на неодамнешните убиства во Куманово и Струга, без оглед каква мотивација се поврзува со нив.

калаш-250x150

„Практиката покажува дека секогаш кога центри на моќ ќе оценат дека во одреден момент им треба одлагање на одреден процес или решение, индиректно мотивираат лица кои ги имаат под своја контрола и ‘им стојат на располагање’ за извршување нелегални активности, со цел да го свртат вниманието во друг правец и да ја пренасочат енергијата во насока во која тие сакаат, а не во процеси кон кои тежнее општеството. Практиката изобилува со такви примери, типични за земји во бавна транзиција, на системска крстосница или во клучни политички моменти“, објаснува соговорникот на Дојче веле.

Аналитичари со кои разговараше ДВ не ги отфрлат ваквите оценки. Но, додаваат дека состојбата е уште покомплексна, бидејќи во неа се преплетуваат и внатрепартиски несогласувања, долгогодишно туркање на проблемите под тепих, лични амбиции и лукративни интереси. Иако жртвите од Куманово и Струга се спомнуваат како членови на ДУИ, во партијата има различни интерпретации на тој податок.

И додека се очекува истрагата да даде одговор на сите неодговорени прашања, во политичката јавност се‘ повеќе се анализира што се случува во ДУИ и зошто партијата се дистанцира од некои нејзини членови. Според аналитичарите, ова е резултат на фактот што во ДУИ за се‘ одлучува еден тесен круг на партиски функционери кои ја имаат узурпирано партијата, а ги игнорираат барањата на членството да се расправа за проблеми кои со текот на времето се напластиле. Функционери од ДУИ не сакаат да одговараат на ваквите ставови на аналитичарите, со образложение дека пред нив стојат многу посериозни предизвици.

 

„Нема да полемизираме со оние кои сакаат конструктивната улога на ДУИ за излез од кризата да ја ослабат или обезвреднат преку измислување на наводни внатрепартиски проблеми во неа, бидејќи со тоа би станале соучесници во дефокусирањето на вниманието од главната цел – подготовка и имплементирање на мерките за излез од кризата. ДУИ е демократска партија отворена за дебата, идеи и предлози и така ќе функционира и во иднина. Не е добро случаите во Куманово и Струга да се користат за ‘лов во матно’, а надлежните институции треба да дадат одговор на сите прашања“, вели висок функционер од ДУИ.

Но, според извори од пониските партиски ешалони, во ДУИ владее „голема вознемиреност“ по убиствата во Куманово и Струга, како и страв дека незадоволството во базата енормно расте. Поради тоа, не била исклучена можноста во наредниот период да се направи одредена „кадровска ревизија“, но тие планови засега се одмеруваат во многу тесен функционерски круг.