ЛП; Избрачкиот список на ризик со регистрацијата

од Vladimir Zorba
112 прегледи

ЛИБЕРАЛНАТА ПАРТИЈА внимателно ги следи информациите во медиумите за работата на Групата што ги усогласува ставовите за обезбедување фер и демократски избори на 24 април 2016.

lplp

Едно од прашањата што ги обработува таа група е воведување регистрација на гласачите и на таа основа да се направи Избирачкиот список.  Сметаме дека тоа решение носи и одредени ризици, што може да имаат сериозни негативни последици во праксата.

Имено, не постои сигурност дека со доброволнарегистрација ќе може да се обезбеди уставното право на глас на голем дел од граѓаните. Имајќи предвид дека рокот за регистрација е порано од почетокот на изборната кампања, ваквото решение во старт го дестимулира остварувањето на уставното право на глас на граѓаните кои може да решат да гласаат поттикнати од кампањата.

ЛИБЕРАЛНАТА ПАРТИЈА предупредува дека системот на доброволна регистрација многумина може да го сфатат како ослободување од граѓанската обврска да гласаат, а други да ги изложи на притисок од четирите партии да се регистрираат само оние за кои тие се сигурни дека ќе гласаат за нив.

Ако се примени тој метод на правење на Избирачкиот список, во дадените услови постои можност да се преполови избирачкото тело во Македонија, што дополнително ќе го намали легитимитетот на било која власт и на институциите.

Во услови кога постои големо разочарување од политичките партии, а особено од сегашната власт, постои одбојност кон лично политичко размислување и определување на граѓаните. Оттаму и огромниот процент, речиси половина од избирачите што се неопределени, на овој начин де факто се попречени и се ускратени од правото на избор.

Ваквиот систем на правење на избирачкиот список ги задоволува само теснопартиските интереси на четирите партии – потписнички, а го спречува проширувањето на основата на демократскиот развој на земјата.