
Соопштение на Комисијата за надворешни работи на Либерална партија на Македонија:
Првиот ден после Илинден, Комисијата за надворешни работи при Либералната партија го покренува прашањето за нашето чествување на еден од најголемите македонски празници во манастирот Св. Прохор Пчински кој се наоѓа на територијата на Република Србија. Како што на сите ни е познато, првото заседание на АСНОМ е оджано на 2ри Август 1944та година токму во овој Манастир. Ново изграденото спомен-обележје во Пелинце не може и не смее да биде едноставна замена на светото место во кое се удрија темелите на македонската држава.
На мислење сме дека Владата на Македонија е потребно во континуитет да се залага за непречено одбележување на Илинден во Манастирот за наши високи државни и партиски делегации како и граѓани и граѓански здруженија. Убедени сме дека со заедничките активности на владите на двете соседски земји може да се изнајдат форми за празнувањето на нашиот празник во Манастирот. Со вакви заеднички решенија двете држави ќе отворат нова позитивна страница во односите и соработката како пример и за засилување на дијалогот меѓу МПЦ И СПЦ. . Впрочем, во последните неколку години Македонија беше домаќин на владини делегации од Србија во повеќе наврати за одбележување на нивни празници на територијата на Македонија.
Јавноста е должна да дознае каков е статусот на нашето празнување во манастирот Св. Прохор Пчински и зошто оваа година немаше претставници во овој свет храм за поновата македонска историја.