Бил Гејтс е најбогатиот бизнисмен во ИТ секторот

од Vladimir Zorba
84 прегледи

Основачот на „Мајкрософт“  Бил Гејтс е најбогатиот бизнисмен во светот во областа на информатичките технологии, објави „Форбс“.

bil-gejts

Списанието наведува дека во 2015 година меѓу стоте најбогати бизнисмени во секторот на високите технологии имаа 51 Американец, 33 претставници на Азиско-Тихоокеанскиот регион, осум Европејци, двајца израелци и еден од Јужна Америка. Четириест од нив живеат и работат во Калифиорнија.

Богатството на Гејтс годинава се проценува на 79,6 милијарди долари, а 13 проценти од нив се вложени во акции во „Мајкрософт“.

На второ место е основачот на „Оракл“ Лари Елисон со 50 милијарди долари, а на трето е основачот на американскиот гигант за Интернет трговија „Амазон“, Џеф Безос. Од почетокот на годината „Амазон“ забележува раст, а богатството на Безос се зголемило за 13 милијарди и изнесува 47,8 милијарди долари.

На 4. место е основачот на „Фејсбук“ Марк Цукерберг – 41,1 милијарди долари, потоа следат основачоте на „Гугл“ Лари Пејџ (33,4 милијарди долари) и Сергеј Бирн (33,4 милијарди долари).

На седмо место е основачот на платформата за интернет трговија „Алибаба“ Џак Ма чие богатство се проценува на 23,2 милијарди долари, со што е еден од десетте најбогати Кинези.

Вдовицата на основачот на „Епл“ Стив Џобс, Лорен Пауел Џобс е на деветто место со 19,4 милијарди долари и е една од седумте најбогати жени на листата на „Форбс“.

Просечната возраст на стоте најбогати во секторот на информатички технологии е 53 години, што е за десет години помалку од просечната возраст на првите сто најбогати луѓе. Најмлад од стоте бизнисмени во ИТ секторот е 25-годишниот Еван Шпигел, основач на мобилната апликација „Снапчат“ и неговото богатство се проценува на 2,1 милијарди долари. Највозрасен е 86-годишниот основач на „Интел“ Гордон Мур со шест милијарди.

„Форбс“ наведува дека 94 од стоте милијардери во ИТ секторот заработиле богатство почнувајќи од нула./MIA