Путин знае како да се справи со ИД?

од desk3
106 прегледи

Рускиот претседател му подаде рака на Западот во борбата против “Исламска држава”. Руски медиуми тврдат дека Путин имал план за справување со џихадистите. Некои детали од овој план, всушност се веќе познати.

путин
По постигнатиот неодамна со руска помош нуклеарен договор со Иран и откако во 2013-та година Москва успеа да ја убеди Сирија да го уништи хемиското оружје, сега претседателот Владимир Путин подготвува следен надворешно-политички потег – да подаде рака на Западот и земјите од Блискиот Исток во борбата против “Исламска држава” (ИД). Руските медиуми тврдат дека Путин имал план, само што Кремљ засега се воздржува да соопшти детали. Портпаролот на Путин Дмитриј Песков, изјави во средата дека уште е премногу рано за тоа.

Самиот рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, во средата во Куала Лумпур изјави дека Москва нуди создавањето на “широк антитерористички фронт” против ИД со учество и на Сирија, Ирак и Курдите. Во малезиската престолнина Лавров се обиде да го запознае американскиот колега Џон Кери со идеите на претседателот Путин. Очигледно сепак тој не успеал да го убеди првиот американски дипломат. По разговорите Лавров соопшти дека двете страни се согласиле дека треба да се борат заедно со ИД, но продолжуваат да немаат општа визија за реализација на овој план.

Спорни точки

Едно од спорните прашања најверојатно е она за судбината на сириската влада. “Лавров јасно сака да се разбере дека предводената од САД коалиција против исламистите треба” да му прости “на сирискиот претседател Башар Асад”, напиша руското онлајн-издание RBC. Од почетокот на граѓанската војна во Сирија во 2011 година Русија стои на страната на Асад. САД, пак, го сметаат неговото управување за нелегитимно и инсистираат на негова оставка.

ид

Георги Мирски, блискоисточен експерт од Руската академија на науките, смета дека планот на Путин не содржи ништо ново. “И сега постои коалиција против ИД. Путин само сака да обезбеди заштита на сирискиот претседател”, тврди Мирски и потсетува на барањето на Американците да почнат да бомбардираат и позиции на сириската армија. “Тоа би довело до крајот на режимот на Асад и Путин едноставно не сака да дозволи таков развој”, објаснува експертот.
Во исто време Москва не е подготвена да се вклучи со воена сила во борбата против џихадисти. Во меѓувреме, тоа беше потврдено и од портпаролот Песков, кој ја исклучи можноста руски авиони да учествуваат во воздушните напади. Во овој поглед Мирски го одредува “планот” на Путин како обид за симулирање на активност. Самиот тој не верува дека е можно САД и Русија да соработуваат во Сирија. “Пред две години таа формула функционираше – по прашањето за сириските хемиско оружје. Но тоа беше пред настаните во Украина”, посочува рускиот експерт. “Особено по анексија на Крим таквата соработка веќе не е можна”, убеден е Мирски.

Се повеќе Руси се борат за “Исламска држава”

Уве Халбах од германската фондација “Наука и политика” гледа и еден внатрешен мотив за планот на Путин. “Во последната година Русија го промени ставот кон исламистите и денес таа ги согледува многу повеќе како закана”, посочува аналитичарот.

Пред неколку месеци рускиот министер за надворешни работи Лавров ја нарече ИД “најголемиот непријател на Русија”. Според податоците на Рускиот совет за безбедност, околу 2 илјади руски граѓани се борат во редовите на “Исламска држава” на Блискиот Исток. Повеќето од овие борци се од муслиманските региони во Северен Кавказ, Чеченија или Дагестан. Во руските медиуми се зголемуваат информациите за млади Руси или Русинки, кои се приклучиле во редовите на исламските милиции. Минатата пролет многу дебатиран беше случајот на студентката по филозофија од Москва Варвара Караулова која, на пат за Сирија, беше запрена на границата со Турција и вратена назад во Русија.

Уште во јули стана познато дека Путин има план за заедничка акција со Западот против “Исламска држава”. Според претседателот на Државната дума Сергеј Наришкин, тоа што Русија и Западот не се борат заедно против ИД а е вистинска “трагедија”.

Во наредните денови и недели се очекува Русија да ја зајакне дипломатската офанзива. Според непотврдени информации, рускиот претседател требало да го претстави својот план во својот говор пред Генералното собрание на ОН во Њујорк во септември.