По 14 години од потпишувањето на Охридскиот Рамковен договор сѐ уште постојат сериозни проблеми во имплементацијата на договорот. Пред и после секои избори се прават политички пазарења за договорот од страна на владејачките ДПМНЕ и ДУИ, а во овие пазарења никако не се споменуваат Турците и нивниот статус во однос на Рамковниот договор, реагира Партијата за движење на Турците (ТХП).

„Во последните години договорот веќе го изгуби својот дух и се претво,ри во поле на пазарења, уцени, притисоци и корупција.
После толку години владеачките политички партии за жал сѐ уште не ја имаат сфатено вистинската вредност и значење на договорот. Охридскиот Рамковен договор не може да се сфати како алатка за вработување на нови државни службеници. Или пак како награда за послушност кој “големиот брат“ го дава на “малиот“. Договорите за надминување на политичката криза во државата од 2. јуни и 15. јули, како и забелешките на Прибе покажаа дека државата не функционира. Во услови кога администрацијата е партизирана и политизирана; статусот на Турците не може да биде добар. Застапеноста на Турците во јавната администрација после 14 години од потпишувањето на Охридскиот Рамковен договор е минимална и доста далеку од потребното. Со политиките на Турската партија која е дел од владината коалиција непотизмот меѓу Турците е на највисоко ниво досега“, се наведува во соопштението.