Од денес (14.8.) над Хавана повторно се вее американското знаме. Фирмите од САД горат од желба да прават бизнис со Куба, но пречките уште се огромни. Придобивки од тоа засега извлекуваат Европејците и Кинезите.

“Кока Кола и Мекдоналдс се добредојдени во Куба”, изјави во февруари не кој да е, туку лично Алекс Кастро-Сото, синот на револуционерниот лидер Фидел Кастро. Непосредно пред тоа американскиот претседател Барак Обама го најави новиот курс во кубанската политика. Оттогаш наваму туристи, политичари и претприемачи го посетуваат “забранетиот” неодамна остров. Денес (14.8.) Џон Кери ја прави и прва официјална посета на американски министер за надворешни работи во Куба од пред 70 години. Повод – свеченото отворање на Американската амбасада во Хавана. По повеќе од половина век, американското знаме повторно ќе се вее над кубанската престолнина.
Туризмот ги крши сите рекорди
Кубанската економија заработува многу од приближувањето со САД. Особено туристичката индустрија бележи рекорди. Во првите четири месеци од годинава бројот на странските туристи е зголемен за 15 проценти во споредба со истиот период минатата година. Кубанската економија како целина се истакна во првата половина на оваа година со раст од 4,7 проценти. Минатогодишниот стопански раст изнесуваше само 1, 3 проценти.
Проблемот останува развојот на земјоделството. Дури прием на ситни приватни стопани и задруги не ја промени ситуацијата суштински. Огромнен дел од сите прехранбени производи, кои се неопходни на земјата продолжуваат да се увезуваат од странство.
Кубанската економија има итна потреба од странски капитал. Новиот закон за странските инвестиции е во сила веќе една година. Во инвестициската програма на Владата во вредност од 8,7 милијарди долари се вклучени 246 проектиод различни бранши – од живинарската индустрија, во производството на вакцини, до создавање на ветерни паркови. Во специјалната економска зона Марино, источно од Хавана, веќе се утврдија првите фирми.
Пречка за развојот на бизнисот сепак е присуството на две различни кубански валути. Планираното обединување се одвива многу бавно, стравувањата од неконтролирана инфлација се силни.
Борба за пазарни удели
Засега најголеми придобивки од приближувањето меѓу САД и Куба извлекуваат главно Европејците и Кинезите.Веќе воспоставените контакти со Куба развиваат нови проекти. Шпанските туристички концерни како Melia, Barcelo и Iberostar кои и без тоа веќе одамна се на кубанскиот пазар, најавија дека ќе ги прошират своите бизниси. Британски и кинески компании добија јавни набавки за изградба на голф терени, а францускиот претседател Франсоа Оланд беше проследен од голема економска делегација при посетата во Хавана во мај 2015. Германија засега заостанува во однос на ова, иако во јули оваа година министерот за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер ја посети Хавана.
Американските деловни средини директно се загрижени. “Странските компании влегуваат на кубанскиот пазар и за американските фирми нема да остане речиси ништо кога ограничувањата ќе бидат отстранети целосно”, вели шефот на хотелскиот синџир Marriott Арне Соренсен, кој неодамна ја посети Куба. И во САД се повеќе гласно се слушаат гласови за целосно укинување на санкциите. Неодамна весниците “Њујорк тајмс” и “Бостон глоуб” повикаа на насловни страници за укинување на изреченото во 1962 година американско ембарго. Кандидатката на демократите за претседател Хилари Клинтон исто така се залага за укинување на санкциите, додека потенцијалните кандидати на републиканците како Марко Рубио, Џеб Буш или Тед Круз се против. Бројни пратеници од Републиканската партија, претежно од Средниот американски Запад, кои би сакале да продаваат аграрна стока во Куба, поднесоа веќе законодавни иницијативи за укинување на санкциите. Експертите сметаат дека е малку веројатно слични закони да бидат изгласани во догледно време. Многу поверојатно е Барак Обама да ги искористи своите овластувања како претседател, за да олабави некои ограничувања во сферата на трговијата и на патувањата, а го стори тоа и порано.
Тешкотиите на американскиот бизнис
Веќе неколку месеци наназад американските туристи можат да си резервираат и приватно сместување во Куба преку онлајн-порталот Airbnb. “Никогаш не сме имале толку брзо растечки пазар како кубанскиот”, рече шефот на Airbnb Брајан Чески. Во други сфери, сепак бизнисот не оди така мазно. Владата во Вашингтон издаде лиценци на локални фериботски компании за летање до Куба, но кубанските дозволи се одложуваат.
Американските банки во иднина ќе можат да отвораат банкарски сметки на островот, но кубанската влада се уште не е дава конкретните детали за ова прашање. Американските кредитни картички не се забранети во Куба, но никој не може да ги користи, бидејќи кубанската влада сеуште не дала дозвола. Од друга страна пак, Куба нема право да врши трансакции во долари поради американската блокада. Со други зборови – постојат уште голем број пречки, пред да се отвори пат за бизнисот на американските компании во Куба. Во јуни 2015 американската инвестициска компанија JLL (Jones Lang LaSalle) објави извештај во кој апелираше до американските инвеститори да манифестираат внимателност во бизнисот со Куба: “Утврдивме дека ризиците се уште се големи. Во Куба нема солиден банкарски систем, инфраструктурата на земјата е сериозен предизвик за сите, а постоечкото ембарго не дозволува на американските компании да склучуваат договори со кубанската влада “, тврди еден од авторите на извештајот – Стив Медуин.
Иако од денеска (14.8.2015) над Хавана повторно се вее американското знаме, вистинското нормализирање на односите сеуште не се случило. Кубанската влада јасно сака да се разбере дека овој момент ќе дојде дури тогаш, кога Американците ќе ја кренат својата економска блокада и ќе ја вратат воената база во Гвантанамо.

