Премиерот Никола Груевски денеска во Владата на Република Македонија се сретна со членовите на Специјалната Олимпијада Македонија кои учествуваа на Светските летни олимписки игри што се одржаа во Лос Анџелес.
На средбата, како што информира владината прес- служба, Груевски им честита за остварениот успех и ангажманот што резултирал со значаен успех и освојување 12 медали.
Груевски истакна дека развивањето на спортскиот дух, ентузијазмот, волјата и подготвеноста која ја покажуваат учесниците на олимпијадата во различните спортови е за почитување и доказ за нивниот посветен пристап, но и пример што треба да го следат сите останати.
Членовите на Специјалната Олимпијада изразија благодарност за поддршката и ангажманот на Владата во реализацијата на нивните активности.
По средбата реагираа од СДСМ:
„Денешното сликање на Никола Груевски со членовите на Специјалната олимпијада на Македонија е крајно лицемерно.
На последната седница на Советот на град Скопје, советниците на СДСМ и коалицијата предложија набавка на уште едно дополнително возило за лица со посебни потреби, наместо набавка на електричен автомобил за потребите на администрацијата на градот.
Вредноста на електричниот автомобил е 30.000 евра, што е сосема доволно за набавка на уште едно, дополнително специјално возило за лицата со посебни потреби. Сепак, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, наместо за потребите на лицата со посебни потреби, одлучија да се луксузираат со електрични возила за администрацијата.
За Груевски потребите на граѓаните никогаш нема да бидат пред неговите и потребите на неговите соработници од злосторничкото здружение за раскош и луксуз. Тоа граѓаните веќе добро го знаат и ќе го испратат Груевски во политичка пензија“, велат од СДСМ.
