Германското МНР ја спушти оценката за билатералните односи со Македонија на „задоволителни“. Лоша порака за Скопје и израз на рамнодушност кон земјата, велат поранешни амбасадори за DW.
Од јуни годинава, германското министерство за надворешни работи билатералните односи со Република Македонија ги опишува како „задоволителни“ (zufriedenstellend). Ова е сериозна порака кон македонските власти и не говори добро за развојот на билатералните односи меѓу двете земји, велат дипломати за Дојче веле.
Оценката „задоволителни“ за билатералните политички односи е внесена со последната промена извршена во јуни годинава. Интересно е што во истовреме на страницата на германската амбасада во Скопје, билатералните политички односи меѓу двете земји ги красеше оценката „со особено добар квалитет“ (von besonders guter Qualität). Првата реакција на портпаролите, на нашето прашање на оваа тема, беше дека веројатно станува збор за грешка.
Во меѓувреме добивме најава дека „грешката“ брзо ќе биде исправена. И навистина, од четвртокот (13.08) попладне, забуната е коригирана. Оттогаш и на страницата на германската амбасада во Скопје билатералните односи меѓу двете земји се карактеризираат како… „задоволителни“!
Македонското МНР одбегнува вакви придавки и на својата интернет-страница користи описна форма „билатералните односи помеѓу Република Македонија и Сојузна Република Германија ги карактеризира интензивен политички дијалог и значајна динамика во соработката во сите области“.
Повеќе ТУКА
