И покрај серијата неуспеси, BlackBerry продолжува со обидите да се врати на пазарот на паметни телефони. Според информации на онлајн изданието ZDNet, компанијата подготвува нов мобилен телефон кој ќе користи Android и ќе располага со хардверска тастатура.
Кодираното име на уредот е Venice, а за него се шпекулира веќе некое време. Се очекува смартфонот да има заоблени рабови слични на Galaxy S6 Edge, но без извиен екран по нив. Наместо тоа уредот ќе компензира со лизгачка хардверска тастатура. На овој начин тој ќе ја почитува омилената традиција на BlackBerry телефоните да располагаат со тастатура, без со тоа да се намали големината на екранот. Компанијата сè уште смета дека таа е задолжителен елемент за оние кои сакаат да можат да вршат реална работа со смартфонот, а не да го користат само за забава.
Друга непотврдена информација е дека смартфонот ќе користи официјална верзија на Android, која доаѓа со апликациите на Google и пристап до Google Play. Тоа е нешто што компанијата требаше да направи уште пред околу две години со моделот Z10, но тогаш таа претпочиташе да се обиде да го наметне својот оперативен систем, што не се покажа како добра идеја. За сега BlackBerry не ја коментира темата. Очекувањата се дека телефонот ќе биде претставен официјално во ноември годинава.