Полицијата и војската распоредени долж границата со Грција ја контролираат ситуацијата со неколкуте илјади мигранти кои се обидуваат да влезат на македонска територија. Полицијата попладнето и вечерва поставува уште еден ред бодликава жица пред влезот на територијата на Македонија, за да спречи илегален влез на мигрантите. Ситуацијата е смирена, а за тоа придонесе и дождот кој паѓа во Гевгелија и околината.
Состојбата повремено е напната поради обидите на некои од мигрантите да го пробијат безбедносниот кордон на граничната линија, а екипи на УНХЦР со помош на преведувачи на арапски јазик се обидуваат да ја смират масата.
Вечерва на овој простор има и екипи на Брза помош и лекари кои интервенираат и им помагаат на мигрантите, најмногу на децата кои се дехидрирани и уморни од долгиот пат.
Засега не се пропуштаат мигранти со исклучок на оние кои се повредени или на кои им е потребна медицинска помош. Тие веднаш добиваат медицинска нега од екипите на Црвениот крст и од амбулантните возила и во придружба се упатуваат кон Гевгелија. Хуманитарна помош во вода и ќебиња им делат полициските службеници и покрај тоа што мигрантите се од другата страна на границата.
Повеќе видео материјал ТУКА.