Уште еден огромен успех на Владата на Република Македонија! Деновиве сите најголеми светски медиуми пишуваат за нас! Не заради тоа што сме најбрзорастечката економија во светот, или заради блескавотo Скопје 2014, туку заради затворањето на границата кон Грција за бегалците. Сликите на расплаканите деца пред специјалците со автоматски пушки го обиколија светот. Не останаа рамнодушни ни нашите сограѓан(к)и. Голем дел од нив, сепак, најде оправдување за постапките на нашите власти.
Драги сограѓани, другарки и другари, бегалците не се тука за да останат. Тие само транзитираат низ Македонија, на нивниот пат кон земјите од Западна Европа. Бегалците не прават проблеми. Проблемите со нехигиената, гужвата и слично испливуваат на површина затоа што нашите институции целосно потфрлаат. Бегалците не претставуваат ни трошок за државава. Тие оставаат повеќе пари во нашата економија отколку туристите кои доаѓаат да го видат Скопје 2014.
Затоа, бараме:
1. Да се укине кризната состојба и да им се овозможи на бегалците непречено да влегуваат во државава, како што беше до пред неколку дена;
2. Да се зголеми бројот на службени лица кои ќе ги издаваат одобренијата на бегалците, за подобра евиденција и за зголемена безбедност;
3. Да се зголеми бројот на возови или автобуски линии, со што на бегалците ќе им се овозможи полесно да транзитираат низ Македонија.
Бегалците не бараат многу. Бараат само малку солидарност. Ајде да им ја пружиме.
