ВМРО-Народна партија реагира на, како што соопшти, крајно нетранспарентна и незаконски спроведена тендерска постапка при избор на изведувач за изградба на објекти во кои ќе бидат сместени Факултетот за информатика и Факултетот за физичка култура при УКИМ, за тендер распишан од Министерството за образование.

„Според информациите со кои располагаме, фирмата што понудила најдобри услови и најниска цена, незаконски била предвреме елиминирана со образложение кое целосно е спротивно со одредбите од Законот за јавни набавки. Сето ова е направено со цел, да се спречи учеството на лицитацијата и заради најповолно понудени услови да не го попречи изборот на однапред утврдениот победник на тендерот. Изградбата на факултети претставува општ јавен интерес на граѓаните на Р.Македонија и тие имаат право да знаат кој, како и во колкава мера ги троши нивните пари“, соопшти партијата.
ВМРО-Народна партија е зачудена што ваквата нетранспарентна пракса при спроведувањето на тендерските постапки продолжува од владејачката структура, кога се знае дека во изминатиов период реакциите од јавноста и од меѓународната заедница беа жестоко критички насочени токму за нетранспарентно спроведување на тендерите.