(ВИДЕО) „360 степени“: МОСТ: Да се суспендира изборот на пратеници во дијаспората за следните избори

од desk3
87 прегледи

 

Ако има политичка волја, можно е навреме да се спроведе т.н. активна регистрација на гласачите и така да се врати довербата во избирачкиот список, оцени Дарко Алексов, претседател на граѓанската асоцијација „Мост“, гостувајќи во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат-М.

Ова е ставот на Алексов за дилемите во дел од јавноста, но и кај меѓународни експертски организации дека можеби е предоцна да се започне со ваква операција. Ако, сепак, нема политички договор за активна регистрација, Алексов сугерира да се оди на статистичка проверка во комбинација со теренска проверка на податоците од избирачкиот список.

3601

Потпретседателот на ДИК, Субхи Јакупи, ги смета за оправдани резервите на политичките партии на Албанците дека со активна регистрација ќе им биде оневозможено гласање на голем број Албанци кои привремено живеат и работат во странство.

„Иако за последните избори, според податоците од МВР, бројот на потенцијални гласачи во дијаспората официјално беше околу 72 илјади, се смета дека вистинската бројка е околу 400 илјади такви граѓани, од кои најголемиот дел се Албанци“, рече Јакупи.

За различните ставови за бројот на пратеници што треба да ги избира дијаспората, Алексов сугерираше суспендирање на изборот на тројца пратеници за следните парламентарни избори за да се направи детална анализа и да се пронајде најдобриот модел за учество на дијаспората во иднина.