Руски воени авиони спроведоа најмалку 30 воздушни напади во Сирија, вклучувајќи над контролиран од сириските бунтовници град Џиср аш Шугур во северозападниот дел на земјата, соопштуваат Ројтерс и “Скај њуз”, повикувајќи се на либанска телевизија.
Информацијата е дополнителна потврда од западни извори, дека Русија не ги насочила напорите кон позициите на “Исламска држава”, туку кон сириските бунтовници.
Со седиште во Либан телевизија al-Mayadeen инфпрмира дека Џиср аш Шугур се контролира од Унијата од екстремисти “Аrmy of Conquest”, вклучувајќи и “Фронтот ал Нусра”, поврзана со “Ал Каеда”.
Според непотврдени информации десетици цивили, вклучувајќи и пет деца, се убиени при првиот бран од руски авиоудари. Според сириската опозиција најмалку 36 лица се убиени при бомбардирање во северниот дел на Хомс.
Информациите се отфрлени од Москва.
Во меѓувреме воен извор изјави за Ројтерс дека руските можности за следење ќе помогнат за удари против “терористички групи”, вклучувајќи и против лидери во Сирија.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави, цитиран од РИА “Новости” дека операцијата на Воздушно-вселенските сили на Русија во Сирија е финансирана само од руска страна.
Кремљ исто така, најави дека се работи на механизми за координација на воздушните напади во Сирија со другите земји од коалицијата предводена од САД.
Според зборовите на Песков Кремљ исто ги повикува сите многу внимателно да се однесуваат кон сите информации за темата за руските пмапади во Сирија, бидејќи се шират многу лаги.
Тој исто така рече дека терористичките и екстремистичките организации на кои Русија нанесува удари во Сирија, се утврдуваат во координација со вооружените сили на Сирија.
“Овие организации (во листата со цели) се добро познати и целите се избирани во координација со вооружените сили на Сирија”, рече портпаролот.
Запрашан дали рускиот претседател Владимир Путин е задоволен од воздушната кампања на Русија, тој одговори: “Премногу е рано да се зборува за тоа”.
Во исто време воен извор откри пред Интерфакс дека танкери на руската морнарица ќе помагаат на воздухопловна група во Сирија со гориво.
Вчера Русија започна воздушна операција во Сирија по барање на сириската влада во Дамаск.
Военото министерство на Русија прецизира дека се спроведени 20 полетувања и се нанесени удари по 8 објекти на “Исламска држава” – магацини со оружје и муниција, гориво-мазива, борбена техника, контролни центри и транспортни средства. Сите цели се погодени, според Министерството.
Во моментов Москва има околу 32 борбени авиони до Латакија и околу 1 700 руски маринци.
Министерот за одбрана на САД Ештон Картер објави дека очигледно ударите на Русија се во области каде “Исламска држава” нема присуство.