Движењето за социјална правда „Ленка“ побара измени во изборниот процес и изборната регулатива. Тие сметаат дека дискусиите за изборниот процес не треба да се држат зад затворени врати само од четирите најголеми политички партии, туку и дека мислењата на помалите чинители на политичката сцена треба да се земат предвид.
-Во насока на демократизација на изборната регулатива ние сметаме дка пред се треба да се демократизира самата дискусија на изборниот процес, т.е да не се остави во рамки на четирите најголеми партии и да биде затворена, туку и другите чинители на општествената и политичка сцена во Македонија да се вклучат во целиот процес. Движењето за социјална правда Ленка, во таа насока сака да постави неколку барања кои сметаме дека ќе придонесат изворните граѓански иницијативи да партиципираат во изборните процеси – појасни Дејан Лутовски од „Ленка“.
На прес-конференцијата која се одржа денеска пред Собранието, „Ленка“ испорача неколку предлози за измена и дополнување во изборната регулатива.
Тие побараа намалување на бројот на потписи потребни за основање на политичка партија од 1.000 на 500, воведување на нов изборен модел и прогласување на целата територија на Македонија за една изборна единица. Понатаму, укинување на мандатите на дијаспората, бидејќи македонските државјани од странство своето право на глас можат да го користат гласајќи за изборни листи за кои што гласаат и граѓаните кои постојано живеат во Македонија.
Од „Ленка“ сметаат и дека барањето да се приложи уверение за државјанство при регистрација на политички партии е непотребна бирократската процедура. Државјанството може да се утврди преку увид во Избирачкиот список во судот, велат тие.
-Во актуелно важечкиот изборен модел граѓанските иницијативи им се длабоко подредени на политичките партии. Ние бараме олеснување на процесот за учество во изборите на граѓанските иницијативи и намалување на бројот на потписи за групите избирачи од 1.000 во изборната единица на максимум 200. Исто така бараме да се дефинира реален наместо фиктивен лимит на средствата што партиите смеат да ги потрошат на изборната кампања и да се укине или намали лимиотот на финансирање на кампањата од страна на правните лица, што сега е 50.000 евра – додаваат од „Ленка“.
Ова движење смета дека овие предлози мора да се спроведат за да се отстранат бариерите во изборниот процес и да се намали влијанието на финансиската моќ во предизборните и изборните процеси.
