Иран е подготвен да се вклучи во меѓународните напори за решавање на сирискиот конфликт. Но само под еден услов – Асад да остане на власт.
Уверувањето беше дадено од трибината на Генералното собрание на ОН: Иран сака да учествува во меѓународните напори за решавање на сирискиот конфликт. Но не и во симнувањето од власт на сирискиот претседател Башар Асад. На овој начин Иран застанува на страната на Русија во меѓународните напори против “Исламска држава” (ИД) и за прекин на граѓанската војна во Сирија.
“Ние (Иран и Русија) сме едногласни дека режимот во Дамаск не смее да биде ослабен”, изјави иранскиот претседател Рохани во Њујорк. Во својот говор тој истакна дека Иран е подготвен да ги поддржува соседните земји во борбата против терористите и во “подготовката на патот кон демократија”, како во Сирија, така и во Јемен. Ден претходно тој беше изјавил дека соборувањето на Асад од власт би требало да ја претвори Сирија во “рај за терористите”.
Агенција Ројтерс го цитира Рохани со зборовите дека “може да се помисли за реформирање на сириската влада, но борбата против тероризмот е врвен приоритет”. Во интервју за телевизија CNN, Рохани изјави дословно: “Нема никакво друго решение, освен јакнење на авторитетот на централната влада на Сирија”.
Иран и Русија – во чамец

Традиционалната унија меѓу Иран и Сирија со нивните шиитско-алавитски властодршци не може да биде доведена во прашање. “Добриот однос кон владата на Асад покажува колку е големо иранското влијание во регионот. Истовремено Сирија е важен логистички мост за поддршка на шиитските милиции Хезболах во Либан. И фактот дека во Сирија управува пријателот на Иран -Асад – ги зајакнува позициите за преговори на Иран со регионалните и светските сили “, вели експертот за меѓународни односи во англискиот универзитет Сасекс Камран Матин.
Взаемната поддршка меѓу Иран и Русија за време на Генералното собрание на ОН не доаѓа изненадувачки. Командантот на иранските елитни единици Кудс – генерал Касем Солејмани – на два пати во текот на септември ја посетуваше Москва. Елитните единици на иранската револуционерна гарда спроведоа операции надвор од територијата на Иран. “Во последните години Иран и Русија ја усогласија својата политика во однос на претседателот Асад”, вели Мосен Милан од Центарот за стратешки и дипломатски студии на Универзитетот во Јужна Флорида, САД. “Според информации во медиумите, генерал Солејмани одговара веќе неколку години за иранските операции во Сирија”, додава тој.
Во последните две години иранските медиуми објавија фотографии и информации за генерал Солејмани, претставувајќи го како една од најважните фигури во борбата против ИД во Ирак и Сирија. Според американски извори, генерал Солејмани е еден од највлијателните мажи во Блискиот Исток, кој ги влече конците во сириската граѓанска војна. Да не заборавиме дека Москва го засили военото присуство во Сирија по посетите на Солејмани во Русија.
Сеништето “Исламска држава”

“Во последниве месеци сириската армија претрпе значителни порази. Армијата на Асад речиси не можеше да покаже отпор на џихадистите. И ако режимот во Дамаск се распадне, единствената сила која може да ја преземе власта, останува” Исламска држава “, вели политикологот Камран Мати. Распадот на сирискиот режим би имало катастрофални последици за целиот регион, додава тој.
Јавно и во Вашингтон дошле до истиот заклучок. Во пресрет на Генералното собрание на ОН, американскиот пом.-државен секретар Венди Шерман изјави дека “под сегашните услови има смисла да се разговара за Сирија со ирански владини претставници”. Уште во почетокот на септември иранскиот министер за надворешни работи Џавар Зариф проговори за нов мировен план за Сирија, со кој сакал да помогне заедно со Русија. Националното помирување во Сирија требало да се оствари преку демократски избори и преговори на национално ниво.
Не е многу познато како треба да изгледа овој план. “Јас не знам како Иран сака да ја прекине крвавата граѓанска војна во Сирија. Но најважната цел на Иран останува зачувувањето на еден проирански сириски режим, со или без Асад”, вели политикологот Мосен Милан. Тој поаѓа од претпоставката дека Иран ќе биде подготвен да се врзат за судбината на Асад со еден иден мировен план за регионот.
