Премиерите на Србија и Косово Александар Вучиќ и Иса Мустафа ја повторија својата посветеност на примената на сите договори од Брисел, соопшти кабинетот на високата претставничка за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, додека српските медиуми тврдат дека Вучиќ „бурно реагирал во текот на состанокот“, инсистирајќи дека Србија го исполнила ветеното, но дека другите не ги исполниле обврските.
Во соопштението од кабинетот на Могерини, која ги повика двајцата премиери на неформална средба во седиштето на ЕУ, се вели дека Вучиќ и Мустафа „отворено разговараа за актуелната ситуација во дијалогот меѓу Белград и Приштина“, по претходните најави дека на средбата ќе се разговара за досегашниот напредок во меѓусебниот дијалог и идните чекори за спроведување на бриселскиот договор.
Меѓутоа, белградски Блиц на својот портал тврди дека во Брисел „паднале тешки зборови меѓу премиерот на Србија Вучиќ и косовскиот вицепремиер Хашим Тачи“.
„Немојте повеќе да ми зборувате за поглавја. Ако сакате отворете ги, ако не – немојте“, ја цитираат српските медиуми реакцијата на Вучиќ на неформалната средба со шефицата на дипломатијата на ЕУ и косовскиот премиер.
По средбата во Брисел Блиц пишува, повикувајќи се на добро информирани дипломатски извори, дека Вучиќ кажал дека „Србија се држи до ветеното, но дека другите не ги исполниле своите обврски“, и потсетил дека косовската влада сѐ уште не донела одлука за формирање на Заедница на српски општини, а дека договорот за катастар од 2011 година воопшто не го применува.
Вучиќ остро ги осудил апсењата на Србите на северот на Косово и обидот за зачленување на Косово во Унеско без знаење на Србија.