Претседателот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети денеска се сретна со американскиот амбасадор Џес Бејли во неговата резиденција во Скопје.
Како што соопштија од ДУИ, Ахмети и Бејли разговарале околу политичкиот ќорсокак кој го попречува евроатланската интеграција на земјата.
Ахмети истакнал дека ДУИ ги поддржува постигнатите договори со посредство на меѓународната заедница и нивното целосно спроведување. Тој изразил уверување дека Советот на јавни обвинители ќе ги надмине препреките што поскоро во правец на воспоставување на канцеларијата на Специјалниот јавен обвинител и ќе овозможи непречено функционирање на оваа институција.
Ахмети повикал политичките лидери да ги почитуваат и другите обврски кои произлегуваат од договорите постигнати за излегување од кризата кои, како што рекол, ќе овозможат демократски и фер избори./МИА
