“Какво бесење … Вилица и вратот му се скршени, а позади главата му е прободена. И сиот е со дупки до папокот.” Тоа го вели чичкото на загинатиот во Сирија руски војник Вадим Костенко, цитиран од “Новаја газета”.
Телото на Вадим беше донесено вчера во неговото родно село Гречанаја Балка во краснодарската област. 19-годишниот војник ќе биде погребан таму подоцна денес.
Неговата смрт е прва на руски војник во Сирија, која Министерството за одбрана во Москва официјално призна. Од МО велат дека војникот се самоубил во Сирија, бидејќи раскинал со неговата девојка.
Родителите Александар и Светлана сепак изјавија вчера за Ројтерс дека не веруваат на оваа верзија.
Вадим Костенко бил испратен во воздухопловната база “Хмејмим” во Сирија. Тој заминал таму ненадејно на 14 септември. А руската воена кампања во арапската Република започна на 30 септември.
Никој во Гречанаја Балка не верува на официјалната верзија за смртта на Вадим, тврди “Новаја газета”.
Луѓето сепак се плашат и не зборуваат, кога ќе видат рекордер во раката на новинарот
Прва за смртта на Вадим Костенко соопшти уште завчера неговата сестра Катја. Таа го направи тоа на нејзинит профил во социјалната мрежа “во контакт”, позната како рускиот Фејсбук.
