Доколку Уставниот суд во Приштина одлучи дека Бриселскиот договор за Заедницата на српски општини е спротивен на косовските закони, тој нема да биде спроведен, изјави косовскиот премиер Иса Мустафа, јави Танјуг.
Мустафа во емисијата Рубикон на Кохавижн тв, рече дека договорот го потпишал дури кога добил гаранции од ЕУ и САД дека нема да биде возможно да се формира „трета власт на Косово“.
– Точките од договорот за ЗСО ќе бид проследен во Уставниот суд, кој ќе одлучи. Ако Уставниот суд каже дека некоја од точките од договорот не е во согласност со косовскиот устав, ние нема да ги спроведеме, а ако цел договор биде прогласен за противуставен, тогаш нема да го спроведеме, рече Мустафа.
За тоа, како што кажа, ќе одлучи Уставниот суд, а во спротивно договорот ќе биде спроведен бидејќи тоа е меѓународна обврска.
По повеќенеделна блокада на косовскиот Парламент поради противење на три опозициски партии да се примени договорот за формирање Заедница српски општини, косовската претседателка Атифете Јахјага во договор со парламентарните партии документот го проследи до Уставниот суд на изјаснување./MИА