Сопартијци и републиканци ја ставија на вкрстен оган и остри критики одлуката на претседателот на САД Барак Обама да испрати малку помала копнена група командоси во Сирија, пренесуваат светските агенции.
Тие предупредуваат дека влегувањето на посебни единици од американската армија во Сирија ги става САД на “линијата на фронтот”.
Членови на Демократската партија во САД се изјаснија против одлуката на претседателот Обама да испрати борци од специјалните единици во Сирија. Според членот на сенатската комисија за надворешни работи Крис Марфи оваа одлука ја става САД на опасна точка во граѓанската војна во Сирија, на која не и се гледа крајот.
Тој и други демократи се убедени дека испраќајќи мал одред американски војници, Вашингтон ризикува да ја вовлече земјата во отворен воен конфликт со претседателот на Сирија Башар Асад. Тие дури потсетуваат дека оваа одлука е спротивна на сопствените зборови на Обама на 10 септември 2013 година
“Не се готвиме да испратиме американски копнени сили во Сирија. Нема да спроведувам во Сирија мисии на неопределено време како што беше во Ирак и Авганистан”, рече тој тогаш. Сенаторот Брајан Шац го нарече испраќањето на членовите на специјалците “стратешка грешка”.
САД не можат и не треба да се на фронтот во Сирија, напиша во лично писмо до Обама сенатор Мартин Хајнрих. Тој истакна дека испраќањето на војници, ги приближува САД до фронтот на вооружениот конфликт, за што би требало да има дозвола од Конгресот.
Пратениците нагласуваат дека согласно Уставот само Конгресот има право да објави војна. Обама вели во своја одбрана дека не му е потребно усогласување со Конгресот, бидејќи може да го искористи овластувањето на Конгресот за испраќање на воени сили против терористи од 2001, што беше прифатено веднаш по нападите на 11 септември. Претседателот даде дозвола за испраќање на 50 членови на специјалните единици во северна Сирија, каде ќе им помагаат на локалните вооружени бунтовници во борбата против радикалната исламистичка организација “Исламска држава”.
Одлуката на Белата куќа да испрати во Сирија дел од војската од специјалните единици за помош на локалните сили во борбата против терористичката група “Исламска држава” (ИД), не одговара на степенот на целокупниот проблем. Ова го изјави претседателот на Комитетот за вооружените сили во Конгресот на САД, републиканецот Џон Мекејн, пренесоа агенциите.
Според него, иницијативата ќе биде “уште еден просечен чекор во политиката на администрацијата на претседателот на САД Барак Обама.
“Овој постепен воздржан пристап за жал не одговара на големината на проблемот со кој се соочуваме”, рече тој. Според сенаторот Обама се уште нема “реална стратегија”, чија цел е повлекување на претседателот на Сирија Башар Асад.
