Страшно е кога дел од граѓаните ќе почнат да ја величаат власта, тоа е најстрашно, затоа што добра власт не постои, нема таква. Има поднослива и неподнослива власт, а оваа е неподнослива, вели музичарот Златко Ориѓански во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Вклучени се граѓаните. Претходно нели имаше протести, учествуваа граѓани од кои дел беа од невладините организации, меѓутоа во најголем дел беа луѓе коишто немаат никаква врска со политичка активност или политички партии, како едно чувство, како една желба дека е дојдено време за промени. Мислам дека разрешницата ќе оди бавно, мачно. Верувам дека луѓето коишто се во политиката имаат барем малку разум да не го доведат народот во најлошата состојба, затоа што од вакви ситуации многу лесно се преоѓа во граѓански војни, оружје итн. Мислам дека менталитетот на Македонецот е малку поинаков. Јас често пати спомнувам една народна песна во врска со менталитетот. Вели „ти каранфил не носиш, на каранфил мирисаш“. Значи, Македонецот, во својата природа, не тргнал ни цвеќето да го кине, а камоли друго. Мислам дека се лаже оној којшто мисли дека ќе игра на таа карта и дека ќе му донесе резултат. Созреан е моментот да се случат промени, враќање назад нема. Колку и луѓе да сакаат да се вратиме во 2008 или во 2010 година, тоа не е возможно, така што мислам дека ќе се заврши ова на среќа на сите нас, вели Ориѓански за РСЕ.