Кога си заминаа од власт СДСМ оставија државен долг од 36,7 отсто, додека државниот долг сега изнесува 36 отсто, значи за 0,7 процентни поени помалку, наведува Министерството за финансии во реакција на соопштението на СДСМ за состојбата на државниот долг.
Според Министерството за финансии, Македонија сега е петта најмалку задолжена земја во Европа, а во време на СДСМ беше 11-та. – Значи десет држави беа помалку задолжени од Македонија и тоа пред да започне светската криза.Во меѓувреме се случија две економски кризи – светската економска криза и европската должничка криза. Голем број на економии драстично го зголемија долгот, но не и Македонија благодарение токму на здравите економски политики на оваа Влада, се вели во реакцијата.
И покрај негативното окружување и последиците од кризата, наведуваат од Министерството за финансии, во овој период започна изградба на три автопати, изградени се стотици регионални и локални патишта, започна изградбата на пругата кон Бугарија, изградени се 70, а реконструирани 350 училишта, изградени се 46 нови градинки, 28 центри за ран детски развој, инвестирани се 100 милиони евра во изградба и реконструкција на болници и уште 100 милиони евра во набавка на медецинска опрема, обезбедени е компјутер за секое дете итн. Што направи СДСМ со парите со кои управуваше?, прашува Министерството за финансии и дополнува дека актуелната Влада отплаќаше предвреме долгови кои ги остави претходната влада на СДСМ.
– Предвреме беа отплатени околу 240 милиони евра долгови кон Париски клуб на кредитори, кон Светска банка и Европска инвестициона банка, како и откупот на Обврзницата за санација на Стопанска банка. И се уште отплаќаме обврски кои ги остави СДСМ. На 8-ми декември доспеваат 150 милиони евра од еврообврзницата која СДСМ ја издаде, истакнува во реакцијата Министерството за финансии./МИА
