За време на Студената војна беше честа појава новинари да работат и за тајните служби. Оваа практика во голема мера беше прекината по 1989 година, но се истакнува дека Унгарија сака да се врати кон неа и да ја воведе преку закон, пишува EurActiv.
Агенти од унгарското разузнавање можат да бидат вградени во уредништвата, станува јасно од измени на законодавството во областа на националната безбедност, предложен од министерот за внатрешни работи Шандор Пинтер.
Според опозициски пратеник социјалист, ако бидат прифатени измените, тоа би значело дека печатени весници, новински онлајн медиуми, телевизиски и радио станици ќе бидат обврзани да ангажираат вработени кои припаѓаат на националните разузнавачки служби, ако Министерството за внатрешни работи сака од нив да го стори тоа.
Министерството за внатрешни работи на Унгарија не го негира тоа толкување на предлогот, но Пинтер изјавил дека тоа се уште не е финализиран и може да се очекуваат промени.
Пинтер ги оправда измените во законодавството, посочувајќи дека либерализацијата на медиумскиот пазар и оној на поштенските услуги, како и промените во владината структура, го направиле потребно тоа дополнително ниво на контрола.
Трендот некои влади да ги игнорираат претходните забрани против употребата на новинари како агенти го става секој новинар во светот во опасност, предупредуваат новинарски и правобранителски организации.
