Значителен дел од извештајот на ЕК за Македонија е посветен на таканареченот Поглавје 23, кое се однесува на владеењето на правото и основните човекови права. Во овој дел од извештајот се потенцира дека Македонија има одредено ниво на подготвеност и имплементирање на европските стандарди во областа на судството, владеењето на правото и почитувањето на човековите права.
Нотирано е дека во текот на изминатата година немало напредок во оваа сфера, и дека постои отсуство на политичка волја да се решат преостанатите предизвици во темата, како што е овозможување на способната администрација да постигне целосна ефикасност. Извештајот забележува за де-факто политизирање на судските именувања и напредувања, и за нецелосно спроведување на реформите кои ќе доведат до професионална евалуација на именувањата во судството.
– Потребно е да се покаже уверлив пристап во борбата против корупцијата на највисоките нивоа, и да се засили довербата на јавноста во институциите. Во областа на основните човекови права, потребно е да се обезбедат соодветен број на вработени лица, финансии и координација. Земјата особено мора да демонстрира реална политичка волја да се обезбеди целосна независност на судскиот систем, и да се обезбеди целосна поддршка и ресурси за специјалниот обвинител именуван да ги разгледа создавањето и содржината на пресретнатите комуникации. Да се засилат институциите задолжени за спречување и борба против корупцијата и да се отстапи од било какво политичко мешање во нивната работа. Да се обезбедат целосна слобода на изразување и сериозни мерки за да се запре самоволието на полицијата и потстандардните услови во затворскиот систем. Да се врати довербата на јавноста, ообено во политички чувствителните случаи со зголемена транспарентност во судските постапки и конзистентноста на законодавството, пишува во извештајот.
Дел од ова поглавје од извештајот е посветено на Судскиот совет, за кој се наведува дека во текот на 20124 година именувал тројца нови судии кои дипломирале во Академијата за судии и обвинители, 14 претседатели на основни судови и 14 обвинители, од кои четворица дипломци на Академијата. Извештајот забележува дека имало примедби за изборот на претседателот и заменик-претседателот на Судскиот совет, од редовите на членовите кои не се судии. За Академијата, се забележува дека со законски измени се воведени построги критериуми за избор на студентите, од кои петтата генерација веќе се образува.
Извештајот на Европската комисија изнесува забелешки за ефикасноста на судството, велејќи дека бројот на судии и службеници е над просекот во Европската Унија.
– Продолжува да расте бројот на покренати истраги, обвинувања и осуди во случаи на корупција. Во текот на изминатата година, имаше 60 нови кривични истраги и обвинувања. Истрагата и судскиот процес на ниво на основните судови обично се одвива бргу, но значителни одолговлекувања има во процесот на жалби, со чести одложувања и преиспитувања на одлуките донесени на основното ниво. Има добра стапка на осуди во споредба со стапката на ослободителни пресуди за предметите кои дошле до судска постапка, но мора да се обрне внимание на бројот на случаи кои се запрени на ниво на обвинителството. Од 30-ина предмети за корупција на високо ниво отворени од 2003 година наваму, половина се затворени, додека за преостанатите процедурата е во тек. Постојаните жалби и долгите процедури се проблем. Кредибилитетот на борбата против коруцпија е ослабнат со неподготвеноста да се испитаат сериозни обвинувања против високи јавни службеници. Ова ги вклучува и обвинувањата во неодамнешниот скандал со присклушкување, во кој неколку политичари беа имплицирани, пишува во извештајот. ЕК повикува да се одвојат соодветни средства за Државната комисија за спречување на корупцијата, за да се засили борбата против корупцијата.
Во областа на основните човекови права, која исто така е покриена со поглавјето 23, во извештајот се забележува дека слободата на здружување е на задоволително ниво, додека слободата на јавно собирање била нарушена во изминатата година, поради протестите на студентите, универзитетските професори и новинарите, поврзани со актуелната политичка состојба. Во извештајот е одбележан протестот против полициско насилство по една од прес конференциите на СДСМ, за случајот на Мартин Нешковски, кој заврши со насилство меѓу демонстранците и полицијата. За овој протест се вели дека набљудувачите од невладиниот сектор пријавиле прекумерна употреба на сила од страна на полицијата за повторно да се воспостави јавниот ред.
– Постои загриженост дека некои од уапсените по протестите не биле поврзани со протестите. Има се поголема употреба на делото ‘учество во толпа која извршила кривично дело’ – широко толкување кое е отворено на произволна примена со што може да се ускрати правото на слободно јавно собирање, пишува во извештајот.
Во делот на почитување на основните човекови права, се забележува дека од 123 членови на Собранието, 42 се жени, има една жена министер во Владата, четири од 84 градоначалници се жени, како и околу една третина од општинските советници. Во извештајот се бара поголема видливост од механизмите за промовирање на родовата еднаквост. Извештајот на Комисијата укажува дека ЛГБТИ заедницата и понатаму се соочува со дискриминација и хомофобни содржини во медиумите, како и дека имало уште еден, шести по ред, напад врз ЛГБТИ центарот во Старата скопска чаршија, при што ниту еден од нападите не бил истражен до крај. Во односот кон ромската заедница, нотирано е дека била донесена стратегија за Ромите за периодот 2015 – 2020 година, и се засилило одделението на Министерството за труд и социјална политика кое е задолжено за спроведување на политики кон Ромите. – Одреден број владини проекти во врска со државни станови, образование, вработување и социјална помош дадоа добри резултати. Скоро и да немаше напредок во областа на политичкат застапеност, медиумската присатност на ромскиот јазик и статусот на ромскиот јазик во општинтие каде Ромите се мнозинство. Ромите имаат ограничени економски можности и сиромаштијата останува клучен фактор во намалувањето на бројот на ромски деца во образовниот процес, пишува во извештајот.