The New York Time: Зошто “Твитер револуциите” пропаѓаат?

од desk3
271 прегледи

По превратот извршен во Париз од Луј Наполеон во 1851 година, петмина од најголемите политички мислители на Европа се брзаат кон своите канцеларии, за да ја опишат важноста на овој настан.

erdoan

Петмината се многу различни. Карл Маркс бил комунист, а Пјер-Жозеф Прудон – анархист. Виктор Иго, еден од најпопуларните француски поети, бил романтичар. Додека Алексис де Токвил и Волтер Бџет биле либерали. Толкувањата на превратот се исто толку различни, колку и нивните филозофски ставови. Но слично на мажот, кој погрешил жена си со шапка, сите тие погрешно го оценуваат крајот на тригодишниот револуционерна бран во Европа како нејзин почеток.

Не направија ли западните медиуми истата грешка во последниве години? Дали нивната интерпретација на глобалниот бран од народните протести – спонтани, ненасилни и лишени од лидери, опишани од Томас Фридман како подем на “плоштадниот народ” – не беше исто толку погрешен? Барем така изгледа: доволно е да ги земете за пример изненадувањата и неочекуваната победа на владејачката Партија на правдата и развојот на парламентарните избори во Турција минатата недела.

Само пред две и пол години народните протести во паркот “Гези” во Истанбул и во други места ја запалија имагинацијата на Западот. Луѓе со различни политички ставови и програми успеаја да постигнат консензус и да испратат порака. Дури и скептиците се согласуваат дека протестите ја промениле фундаментално политиката во земјата. Резултатите од парламентарните избори во јуни се чини го потврдија тоа: успехот на Народно-демократската партија – инспиративна коалиција меѓу Курдите и секуларна левица, успеа да го прескокне прагот од 10% за влез во парламентот, што изгледаше незамисливо пред овие протести.

Но резултатите од парламентарните избори минатата недела покажаа колку кревок бил успехот на овој протест.

Стратегијата за конфронтација на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган функционираше

Тој играше хазардно, се обложи на нови избори и победи, ги избриша резултатите од летото, како и, барем засега, идејата дека протестното движење имало некакво реално влијание.

Но, тоа е валидно не само за Турција. Големите протести од зимата на 2012 година во Москва не доведоа до падот на конструираната од претседателот Владимир Путин држава, туку до консолидација на неговата власт.

Каде и да се свртиме, реткост се движењата наречени од политикологот Френсис Фукујама “револуција на глобалната средна класа”, кои успеваат да се задржат на власт. Најтрагичен е случајот со “Арапската пролет”, ја предизвика појавата на најлошото во светот: Повторното раѓање на авторитаризмот во Египет, граѓанската војна и распадот на државноста во Сирија, Либија и Јемен.

Примамливо е да мислиме дека успехот на десницата се должи на државна принуда или манипулации. Без сомнение, принудата и манипулацијата се важен дел од објаснувањето. Но тврдењето дека успехот на конзервативната реакција е резултат само од политички манипулации, значи да останеме слепи за реалноста.

Веќе станува очигледно дека глобалниот протестен бран успева да ги поларизира општествата, но профитабилна од оваа поларизација е “партијата на стабилноста”, а не “мрежата на надежта”. Каде и да погледнеме, политичкиот и социјалниот јаз, предизвикан од протестите, не доведува до повеќе демократија и плурализам, туку до консолидација околу државата и националниот лидер. Сведоци сме на подемот на нов антикосмополитизам.

Оваа реакција ја менува и политиката. Воената кампања на Ердоган против Курдите, која значително ја комплицира ситуацијата во Сирија, е само дел од неговата политичка кампања. Анексијата на Крим од Русија беше прилично дел од стратегијата за спротивставување на револуционерната зараза отколку израз на традиционалниот руски империјализам.

Нормално е да се запрашаме зошто “Твитер револуциите” се во повлекување? Но најважното прашање е зошто предходно бевме толку убедени дека тие ќе успеат?
Три се факторите кои можат да го објаснат тоа

Зошто повеќето политички коментатори, слично на Маркс и Иго во 1851 година, не успеаја да видат една очигледна стварност. На прво место, тоа е политичкиот нарцизам на Западот, особено по крајот на Студената војна, кога навистина изгледаше дека плуралистичката демократија е во подем. Овој нарцизам не ни овозможи да му пријдеме критично на политичкиот актер, кој изгледаше инспириран од нашиот политички модел (уште повеќе, ако можеше да пишува политички слогани на англиски). Претпоставката е дека подржувањето на западните практики и принципи го отвора патот кон демократскиот успех.

Другиот фактор беше опасноста, скриена во т.н. Нормативна кривина во американската политичка наука. Таа се обиде да го сведе нашето разбирање на комплексни социјални и глобални проблеми до серија на корелации кои го наметнуваат уверувањето дека демократиите не војуваат меѓу себе, дека демократиите ги прават земјите побогати и помалку корумпирани и дека на секоја земја и е определено да го преземе патот на демократијата. Либералната телеологија ја замени марксистичката.

И на крај, бевме заведени од “ефектот на Силиконската долина” – од идејата дека нашите идеи и стратегии за социјална промена се формираат не толку врз основа на историските искуства, туку преку утописки можности од светот на технологијата. Сопнати во стапицата на оваа доверба, ние ги подценивме слабостите на новите протестни движења и го надценивме нивното влијание врз општеството. Една револуција може да биде твитерска, но управувањето – не. Многу од новите протестни движења требаше да платат висока цена за својот антиинституционален етос.

Овие протести станаа жртва на следниве модни сфаќања: дека организациите се нешто од минатото (а иднината е на мрежите); дека земјите веќе немаат значење и дека спонтаноста е вистинскиот извор на легитимност.

Расколот, како што добро знаеме е високо ценет од технолошката заедница и тој игра важна улога во развојот на некои од овие компании. Но општествата се состојат не само од иноватори, туку многу често барањата за постојана промена и за конструктивни деструкција го породуваат барање за стабилност. Путин, Ердоган и нивните себеподобни го разбираат добро тоа, за разлика од демонстрантите, и тие трпеливо го чекаат моментот во кој ќе наметнат повторно моќ.

………………………………………………..

Иван Крастев , текстот е објавен во “Њујорк тајмс”, 11 ноември 2015 година