ВМРО-ДПМНЕ: Лажна солидарност на СДСМ со лекарите

од desk3
75 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ смета дека солидарноста што СДСМ ја изразува со лекарите е лажна пред се, како што велат од партијата, поради фактот дека пратениците од СДСМ ниту денеска не го осудиле нападот врз докторот што се случи во Клиничкиот центар во Скопје.

VMRO

– Не ни е јасно како СДСМ кажува дека се солидаризира со докторите и здравствените работници, а истовремено не го осудува овој вандалски и криминален настан и понатаму продолжува политички да го злоупотребува ваквиот немил настан за свои партиски цели и потреби, се вели во соопштението од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, како реакција на прес-конференцијата на пратеничката група на СДСМ.

Во него се додава дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ја поддржува Повелбата за носење на Закон за докторска дејност потпишана помеѓу Министерот за здравство Никола Тодоров, Лекарската комора на Македонија и Македонското лекарско друштво, која чинителите се обврзале да ја развијат во Закон за докторска дејност, со цел заштита и унапредување на докторската дејност и заштита на интегритетот и дигнитетот на докторот како личност и професионалец што придонесува кон обезбедување на квалитетна здравствена заштита.

Со денешната прес-конференција на СДСМ, се истакнува во соопштението, партијата уште еднаш покажала дека воопшто не е ги разбира барањата на докторите и здравствените работници, ниту сега, ниту кога биле на власт, ниту за барањата за покачување на платата, за плаќање на обуките, за барањата за нова медицинска опрема и реконструкција и градење на нови болници, за нови амбулантни возила….

Со овие факти, се додава во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ, се разоткрива глумата и лажната загриженост на СДСМ кон докторите и пациентите. За разлика од СДСМ, во периодот на владеење на ВМРО-ДПМНЕ, се потенцира во соопштението, биле зголемени платите за речиси 25 проценти, обезбедени околу 2000 едукации во врвни странски установи за докторите на товар на државата, 208 специјализации и 75 субспецијализации, набавена нова медицинска опрема од 100 милиони евра и реконструкција на установите во износ од 150 милиони евра, отворена државна кардио хирургија и Детска кардио хирургија, нови амбулантни возила… /МИА