(ВИДЕО) Црно – розева буџетска расправа

од desk3
69 прегледи

Министерот за финансии, Зоран Ставрески, го образложи предлог-буџетот за 2016 година пред пратениците на Собранието. Тој очекува следната година да има повисок степен на политичка стабилност, со што ќе се создаде подобра клима за стопанството, за реализација на инвестиците и за граѓаните полесно да ги носат потрошувачките одлуки.

zoran-stavreski

Ставрески, како што појасни пред пратениците, очекува и реален пораст на домашниот бруто-производ од 4 проценти. Порастот на македонската економија, според министерот за финансии, ќе биде потпомогнат од реализацијата на инфраструктурни проекти, поддршка на фирмите преку евтини кредити и зголемување на странските инвестиции.

– Основна карактеристика на буџетот за 2016 година е почнување на процесот на фискална консолидација, што значи дека преку фискална стратегија во следните три години ќе имаме намалување на буџетскиот дефицит и одржување на ниво на јавен долг на умерено ниво. Буџетскиот дефицит за следната година ќе биде 3,2 процент од БДП, во 2017 – 2,9 проценти и 2,6 проценти во 2018 година – истакна Ставрески.

Тој рече дека извозот ќе се зголеми за 8,1 отсто, а увозот за 6,8 проценти.

– Очекуваме високо ниво на бруто-инвестиции. Очекуваме следната година да имаме стабилен монетарен сектор, стабилност на цените и на девизниот курс и инфлација не повисока од 2 проценти. Дефицитот на тековниот платен биланс ќе се движи од 1 до 1,5 отсто и ќе има одржливо ниво на девизни резерви од 4 проценти – рече Ставрески.

Според него, буџетот е комбинација на развојна и на социјална компонента. Тој истакна дека капиталните инвестиции се историски на највиско ниво, но има и повеќе средства за поддршка на социјално ранливата категорија граѓани и на пензионерите.

За следната година, исплатата на социјалните трансфери ќе биде поголема за 5 проценти.

Во буџетот се предвидени повеќе средства за здравствена заштита, околу 25 милијарди денари. За поддршка на рамномерниот регионален развој, предвидени се 25.578 милиони денари, што е за 15 проценти повеќе од 2015 година.

За патната инфраструктура, односно за Коридор 10, предвидени се 2.579 милиони денари, 12.384 милиони денари за изградба на десетици патни правци, а за железничка инфраструктура предвидени се 2.200 милиони денари.

За втората фаза на националниот гасификационен систем, предвидени се 35 милиони евра.

Планираниот дефицит е 3,2 проценти и, според Ставрески, ќе се финансира од домашни и од странски извори, односно преку еврообврзницата и издавање хартии од вредност од домашниот пазар.

-Буџетот-за-2016-носи-нови-чоколади-за-ВМРО-ДПМНЕ-и-нови-долгови-за-граѓаните

Марјанчо Николов од опозицискиот СДСМ, истакна дека опозицијата нема да го поддржи буџетот за 2016 година бидејќи е расипнички, недомаќински, нереален и неразвоен. За историски највисокиот буџет од 3,2 милијарди евра, Николов додаде дека е нетранспарентен и не се знае каде Владата ќе ги потроши парите.

– Овој буџет е наменет за тажна сегашност и за уништена иднина, за нови долгови и за ново иселување на младите. Ова е буџет за нови фасади и за светлечки реклами на Владата, а за темни домови на граѓаните, буџет во кој граѓаните ќе имаат помалку пари, а владата ќе се луксузира со „мерцедес“ од 600.000 евра, буџет со кој, секој од нас е задолжен со нови 150 евра. Ова е буџет не за развој, туку обид за опстанок на владата – изјави Николов.

Тој истакна дека буџетот за 2016 година не е ништо друго, туку буџет за нови долгови на граѓаните и на стопанството.

– За наредната година, со издавањето на еврообрзницата, нето-долгот ќе биде 500 милиони евра. Она што го кажавте, дека јавниот долг е 43 проценти од БДП, е неточно. Вашата методологија за мерење на јавниот долг е поинаква од таа на меѓународните институции. Зошто не кажете колку должат институциите каде Владата е доминантен сопственик? Јавниот долг, според тоа, е 50 проценти од БДП. И Европската комисија забележа дека Владата троши повеќе од што може и дека од 2008 година, јавниот долг во континуитет се зголемува – истакна Николов.

Тој го праша министерот за финансии, Зоран Ставрески, колку државата ја чини субвенцијата на едно работно место кај странските инвеститори, за реално да се види ефектот од 15.500 вработени кај странските инвеститори. Притоа додаде дека Македонија е на последно место во регионот по привлекување странски инвестиции според процент од БДП и по жител.

Николов истакна дека за следната година во Фондот за пензиско осигурување се планирани 420 милиони евра за пензии, при што седум пензии Владата ќе исплаќа на кредит и го праша Ставрески, како Владата планира да го намали тој дефицит.

Министерот Зоран Ставески му реплицираше на Николов дека за македонската економија оценуваат народот и релевантните меѓународни институции.

– Кој може да предвиди што ќе се случи во текот на годината, како што беше со политичката криза. Еднаш во годината проектираме, но се случуваат повеќе ревизии. Како резултат на економските политики на Владата, денеска извозот е двојно поголем од 2006 година, а невработеноста од 37 проценти во времето на СДСМ, е намалена на историски најниско ниво од 26 проценти – реплицираше Ставрески.

Расправата за буџетот ќе продолжи по 15 часот.

 

МЕТА